Home » Во фокусот » Остри критики кон Gillette за новата реклама која има милионска гледаност

Остри критики кон Gillette за новата реклама која има милионска гледаност

Најновата реклама на брендот ја поларизираше онлајн јавноста

Брендот Gillette е најновиот во серијата брендови кои храбро се вклучија во една од актуелните општествени дебати. Имено, брендот лансираше нова кампања за справување со длабоко вкоренета култура во која жената е поставена во потчинета позиција.

Најновиот спот насловен “We Believe” го смени познатиот слоган на брендот “The best a man can get” со “The best men can be“, во која ги повикува мажите да бидат одговорни за нивното однесување.

Како и секој друг чекор на некој бренд да се вклучи во деликатни општествени дебати и овој ја поларизира онлајн јавноста. Многу корисници кои ја погледнаа рекламата останаа шокирани од ваквиот потег на брендот кој традиционално се поврзува со маженственоста, нарекувајќи ја рекламата “феминистичка пропаганда”. Од друга страна, многумина го пофалија брендот што зазел став и тоа во областа во која нивната порака сигурно може да има одзив.

Досега рекламата на YouTube е прегледана повеќе од 16 милиони пати за само неколку дена, но повеќе зачудувачки е односот на лајкови и дислајкови, 390.000 наспроти 800.000, што јасно покажува колкумина се препознале во ова видео.

Рекламата го поставува прашањето “Дали е ова најдоброто што мажите може да го добијат?” со слики од насилство, сексуално вознемирување, сексистичко довикување и агресивно машко однесување, а потоа се прикажуваат примери на позитивно однесување, за да се илустрира како мажите, всушност, можат со активно учество да бидат позитивен пример за помладите.

Коментарите на самото видео се претежно негативни и се движат од оние кои го обвинуваат брендот дека сака да се додворува, до оние бесни повици за целосен бојкот на Gillette.

Сепак, Gillette стои цврсто зад нивната нова кампања и велат дека веруваат во “она што е најдобро кај мажите”.

“Со повикување на одговорност едни на други, елиминирање на изговорите за лошо однесување и поддршка на новите генерации да работат кон истакнување на свите најдобри одлики, можеме да помогнеме во создавањето на позитивни промени кои ќе бидат важни за годините што доаѓаат”, изјави претседателот на компанијата Gary Coombe по повод оваа кампања.

“Знаевме дека прилучување кон дијалогот за “модерната машкост“ за нас би значело менување на тоа како размислуваме и ги прикажуваме мажите на секој чекор. Од овој момент, Gillette ќе ги ревидира сите содржини кои ги пласираме во јавноста во согласност со дефинираните стандарди со кои сакаме да се осигураме дека нашите реклами, сликите кои ги споделуваме на социјалните мрежи и зборовите што ги користиме, целосно ги одразуваат идеалите на почитување, одговорност и позитивно однесување. За нас, одлуката за јавно потврдување на нашите верувања, беше лесен избор и избор кој ќе донесе промени”, додаде Coombe.

Рекламата ја креираше агенцијата Греј Њујорк, а е во режија на Ким Гериг и продукциската куќа Somesuch.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *

*

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.

Marketing365 Marketing365 Marketing365