Ирскиот бренд на пиво и сајдер Rockshore, во сопственост на Diageo, неодамна ја претстави својата нова бренд платформа и повеќеканална кампања – „Refreshingly Irish“ („Освежително ирски“).
Diageo им поставиле задача на креативците од агенцијата M&C Saatchi да создадат храбра, дистинктивна и забавна нова креативна платформа за Rockshore, која ќе ги поврзе производот и брендот со културните и потрошувачките вистини на потрошувачите, ќе има долговечност и ќе биде погодна за интегрирана употреба на комуникациските канали.
Резултатот бил кампања која го слави бруталното задевање и мајтапење помеѓу пријателите, што всушност претставува начин на изразување наклонетост. Препознавајќи дека Ирците ја покажуваат љубовта кон своите пријатели преку меѓусебно исмејување, Rockshore во новата хумористична кампања ги „превртува“ традиционалните методи за изразување љубов и наклонетост на еден „освежувачко ирски“ начин.
Централниот телевизиски спот, режиран од Џефри Макс од Agile Films, претставува хумористичнна имитација на класичните музички видеа за љубовни песни. Во случајот ја слушаме „As Long As You Love Me“ од Backstreet Boys, со тоа што главниот лик Роко целосно ги субверзира стиховите на песната и ги заменува со „мајтапџиски досетки“ упатени кон пријателите.
Кампањата е исто така поддржана од бројни надворешни реклами на кои може да се прочитаат различни пораки кои пренесуваат дел од освежителната мајтапџиска атмосфера помеѓу вистинските пријатели.