Најголемиот креативен настан во светот Cannes Lions денес соопшти дека овогодишното издание на фестивалот нема да се одржи во октомври како што беше претходно предвидено. Следното издание на Cannes Lions ќе се одржи помеѓу 21 и 25 јуни 2021 година.
Како што влијанието на Ковид-19 продолжува да се чувствува ширум светот врз потрошувачите и огласувачите во маркетинг, креативната и медиската индустрија, станува јасно дека приоритетите се пренасочени кон безбедноста на луѓето и енергијата е фокусирана на зачувување на општеството и економијата.
Тешката одлука доаѓа после продлабочени консултации со партнерите на фестивалот и претставува рефлексија на општествените, здравствени и економски предизвици со кои се соочува моментално светот. Целта на одложувањето е да се отстрани секаква несигурност која партнерите и учесниците може да ја чувствуваат во врска со одржувањето на фестивалот.
„Cannes Lions во своето срце секогаш бил посветен на креативноста и „лавчињата“. Ние сфаќаме дека креативната заедница има други предизвици со кои се соочува и едноставно не е во позиција да пласира проекти кои ќе го постават бенчмаркот. Маркетинг и креативната иднустрија, како и многу други, моментално се наоѓа во турбуленции, а нам ни е јасно дека можеме да одиграме своја улога така што ќе ги отстраниме сите спекулации поврзани со фестивалот оваа година. Се обидуваме да ги соопштуваме нашите одлуки колку што е можно порано за да и’ овозможиме на индустријата јасен поглед на ситуацијата, па токму затоа и овој потег го објавуваме денес,“ истакна Филип Томас, претседател на Cannes Lions.
„Сите ние гледаме напред кон некое попозитивно време – во моментот, Cannes Lions ќе продолжи да ја зближува глобалната креативна заедница и да обезбедува инспирација онаму каде што може да се пронајде. Нашиот неодамнешен повик за инспиративни креативни стории од ширум светот веќе собра стотици кампањи од нашата заедница која се обединува и покажува напредок во време на оваа криза. Ние цврсто веруваме дека Cannes Lions продолжува да нуди вредно признание во таа заедница и со нетрпение очекуваме да ги прославиме тие кампањи во 2021, кога се надеваме дека светот ќе се чувствува постабилен, а нашата заедница ќе може да им го посвети вниманието што тие кампањи го заслужуваат,“ додаде Симон Кук, менаџинг-директор на Cannes Lions.