Идејата на оваа акција која има силна визуелна порака и е креирана на едноставен и лесно читлив јазик за публиката е да нè потсетува дека и зборовите можат да бидат опасни. Инспирирана од симболиката на отровните стрели, инсталацијата го прикажува говорот на омраза како невидливо, но моќно оружје што повредува.
Во центарот на инсталацијата е поставено човечко лице со широко отворена уста, од која излегуваат „отровни“ стрели — симболична претстава на зборовите што креаторите на говор на омраза ги користат за да навредат, повредат или омаловажат. Со димензии 1,4 х 1,2 метри и изработена од рециклирани метални материјали (лим, профили, арматури), оваа скулптурна композиција привлекува внимание со својата впечатлива форма и силна симболика.
На подножјето стои јасна порака: „Говорот на омраза повредува“ — повик до сите нас да размислиме за последиците од нашите зборови, особено во време кога комуникацијата сè почесто се одвива во дигиталниот простор, а говорот на омраза станува сè поголем општествен проблем.
Оваа уметничка интервенција има за цел да ја подигне јавната свест за штетните ефекти на говорот на омраза и да поттикне општествена одговорност, емпатија и почит кон другите.
Делото е поставено во јавен простор во центарот на Скопје на малиот сквер кај Ким во порта Буњаковец, на крстосницата на улиците Ленинова (Аминта трети) и булеварот Партизански одреди.
Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.”