Започна со работа првата лабораторијата за производство и прототипирање ИНО ФАБ ЛАБ, лоцирана на Технолошко-металуршки факултет (ТМФ) во Скопје. Во неа, под менторство на академски професори и стручни лица од реалниот сектор, младите на возраст од 15 до 29 години ќе развиваат и тестираат иновативни идеи до создавање продукт-прототип.
Клучната цел на оваа лабораторија е да се зајакне иновативната инфраструктура во земјава и да се подобрат вештините и знаењата на младите средношколци и студенти.
Првата Фаб Лаб лабораторија во нашата земја е основана од страна на Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ во партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој во рамки на „Предизвикот за воспоставување на лаборатории за производство FAB LABS – Младите создаваат”, Амбасадата на САД и повеќе компании од различни индустрии.
„Со воспоставувањето на Ино Фаб Лаб младите во земјава добиваат неограничен пристап до најсовремена технологија и менторска поддршка за развивање на нивните иновативни идеи до прототип на производи. Во следните 12 месеци очекуваме огромен интерес на младите средношколци и студенти за работа во оваа лабораторија каде ќе ги развијат своите прототипи и ќе ги зајакнат своите технички вештини. Денес со отворањето на лабораторијата почнува и отворениот повик за пријавување на заинтересираните средношколци и студенти кои ќе работат во оваа лабораторија“, изјави д-р Игор Јорданов, претседател на Здружението Ино Тех Клуб и професор на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
Првата лабораторија од ваков тип е лоцирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје.
“Огромно е задоволството првата Фаб Лаб лабораторија да биде лоцирана на Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје. Тоа ќе даде значаен импулс во привлекување што повеќе средношколци да се заинтересираат за техничките науки и да станат инженери кои ќе бидат двигатели на идниот економски развој на нашата земја. Евидентен е недостигот на техничко-технолошки
кадар во домашните компании, па затоа верувам дека отворањето на вакви современи лаборатории ќе привлечат младите да градат кариери токму во овие области“ изјави професор д-р Биљана Анѓушева, в.д. декан на ТМФ.
Во оваа прилика директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, г-н Фeстим Халили изјави:
„Oсобен фокус на ФИТР е поддршка на младите кои се нашата иднина и создавањето на претприемничка култура кај нив како и услови за што поголем дел од нив да останат и да ја градат својата иднина во Република Северна Македонија. ОВие лаборатории на младите ќе им овозможат пристап до напредни технологии и материјали затоа сум особено горд дека на некој начин им даваме шанса и можност на сите млади ентузијасти да ги унапредуваат своите знаења, вештини и да стекнат искуства преку директно учество во научно-истражувачката дејност и да влијаат и на развојот на нивната кариера и нашето општество“.
Покрај поддршката од ФИТР, овој проект, кој е од исклучително значење за едукација на младите кадри и подобрување на перформансите на човечкиот капитал во земјата доби и значајна поддршка и од Амбасадата на САД. Помошник референтот за односи со јавноста, Џеиуан О потенцираше дека амбасадата на САД со голем ентузијазам ја поддржува работата на ИНО ФАБ ЛАБ. Како што истакна таа, можноста рано да научат да креираат, да учат за пазарните можноати и да соработуваат со ментори, кои навистина веруваат во нив, може да им ги смени животите на младите луѓе, а таквите искуства ќе резултираат со поголеми промени во целото општество.
Препознавајќи ја важноста на овој проект за создавање на кадри кои ќе одговорат на потребите на реалниот сектор, неколку македонски компании како Макстил АД, ТИТАН Цементарница УСЈЕ, Кабтел, Textile Solutions и Завар дадоа значајна финансиска и логистичка поддршка и се важен партнер на првата ИНО ФАБ ЛАБ, првата Фаб Лаб лабораторија во нашата земја.
Здружението ИНО ТЕХ КЛУБ, кое е носител и имплементатор на проектот, во партнерство со Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, преку овој проект во период од 12 месеци ќе им овозможи на педесетина креативни и иновативни средношколци и студенти да се вклучат во работата на конкретни проекти, кои ќе резултираат со развој на најмалку шест прототипи на производи.