Организаторите од Бугарската асоцијација на комуникациски агенции (БАКА) го отворија конкурсот за пријавување на агенции и огласувачи за наградите за маркетиншка ефективност “Effie Bulgaria”.
Во конкуренција за наградите можат да се пријават сите огласувачки и комуникациски кампањи креирани и спроведени во Бугарија во периодот помеѓу 01 јануари 2022 и 31 август 2023 година. Крајниот рок за пријавување е 10 октомври, а доколку апликациите се достават во текот на септември, учесниците добиваат можност за повластена партиципација.
Пријавените кампањи ќе се натпреваруваат во вкупно 13 секторски и посебни категории и поткатегории. Процесот на жирирање ќе започне на крајот на октомври, а доделувањето на наградите на победниците ќе се одржи на крајот на ноември.
Во исто време е отворен и конкурсот за пријавување на Effie Awards Europe, за оние агенции и огласувачи кои сакаат да се натпреваруваат на меѓународно европско ниво. Крајниот рок за пријавување на овој натпревар е 22 септември, а жирирањето ќе се одива во текот на следниот месец. Победниците ќе бидат објавени во декември.