Сараевски филмски фестивал ќе му оддаде признание на италијанскиот режисер Паоло Сорентино, истакнувајќи го неговиот исклучителен придонес кон филмската уметност.

Мултинаградуваниот режисер ќе го добие „Почесното срце на Сараево“, а во рамки на програмата „Посветено на“ ќе биде прикажана целосна ретроспектива на неговите филмови. Сорентино исто така ќе одржи „мастер-клас“ и ќе ги сподели своите размислувања за современата уметност во разговор со публиката.
„Длабоко сум почестен што ја добивам оваа престижна награда и сум благодарен за вниманието посветено на мојата филмографија. Со нетрпение очекувам да бидам со вас во Сараево. Ви благодарам од сѐ срце“, изјави Сорентино.
„Паоло Сорентино успеа да го постигне она за кое сонува секој режисер – да оствари глобално влијание преку локални, лични приказни. Со визуелно раскошен, емоционално исполнет и интелектуално продлабочен стил, ги освојува срцата на публиката низ целиот свет, која во неговите ликови, без разлика колку и да се ексцентрични или повлечени, гледа огледало на нашиот свет, често апсурден, понекогаш суров, но секогаш длабоко човечки. „Почесното срце на Сараево“ е признание за големата убавина што ни ја подари преку неговите филмови“ – истакнува Јован Марјановиќ, директор на Сараевскиот филмски фестивал.
Паоло Сорентино е роден во Неапол во 1970 година. Неговиот прв долгометражен филм „One Man Up“ беше објавен во 2001 година и селектиран за Венецискиот филмски фестивал.
Неговите наредни два филма, „The Consequences of Love“ (2004) и „The Family Friend“ (2006), беа во конкуренција за Златната палма во Кан, како и филмот „Il Divo“, кој ја доби Наградата на жирито во 2008 година. Повторно беше во конкуренција на Канскиот фестивал во 2011 година со филмот „This Must Be the Place“, а две години подоцна со „The Great Beauty“ освои Оскар, Златен глобус и БАФТА награда за најдобар филм на странски јазик, како и три награди на Европската филмска академија (EFA).
Во 2016 повторно беше селектиран во Кан со филмот „Youth“, кој доби три EFA награди, номинација за Оскар и две номинации за Златен глобус. Во 2016 година ја создаде и режираше ТВ серијата „The Young Pope“, номинирана за Златен глобус за најдобар актер и за Еми награди за извонреден продукциски дизајн и кинематографија. Во 2018 ја режираше филмската драма „Loro“ со Тони Сервило, а во 2019 ја режираше втората серија за модерниот папски свет, „The New Pope“, со Џуд Лоу и Џон Малкович во главните улоги.
Во 2021 година го напиша и режираше филмот „The Hand of God“, номиниран за Оскар во 2022 за најдобар странски филм, добитник на Leone d’Argento – Гранд При на жирито и наградата Марчело Мастројани на 78. издание на Венецискиот филмски фестивал. Исто така добитник на 5 награди Давид ди Донатело 2022, вклучувајќи за најдобар филм и најдобар режисер, и 4 Награди Сребрена лента (Nastri d’argento) 2022, вклучувајќи и за најдобар филм.
Во 2024 година го напиша и режираше филмот „Parthenope“, прикажан во конкуренција на Канскиот фестивал и добитник на Biglietto D’oro – меѓу најгледаните филмови во годината.
Почесното Срце на Сараево е востановено во 2005 година со цел да се оддаде признание на поединци за нивниот исклучителен придонес во афирмацијата и развојот на филмската индустрија и поддршката на Сараевскиот филмски фестивал.
Овогодинешното 31. издание на Сараевскиот филмски фестивал ќе се одржи од 15 до 22 август 2025 година.
Претходни добитници на „Почесното срце на Сараево“ се:
Мег Рајан (2024), Александер Пејн (2024), Џон Туртуро (2024), Филип Бобер (2024), Кристоф Папоусек (2024), Марк Кузинс (2023), Лин Ремзи (2023), Чарли Кауфман (2023), Џеси Ајзенберг (2022), Рубен Остлунд (2022), Сергеј Лозница (2022), Пол Џозеф Шредер (2022), Вим Вендерс (2021), Мишел Франко (2020), Мадс Микелсен (2020), Тим Рот (2019), Изабел Ипер (2019), Алехандро Гонзалес Ињариту (2019), Павел Павликовски (2019), Нијаз Хастор (2018), Нури Билге Џејлан (2018), Оливер Стоун (2017), Џон Клиз (2017), Волфганг Амадеус Брилхарт (2016), Стивен Фрирс (2016), Роберт де Ниро (награда за животно дело, 2016), Бенисио дел Торо (2015), Атом Егојан (2015), Агнес Б. (2015), Данис Тановиќ (2014), Гаел Гарсија Бернал (2014), Бела Тар (2013), Роберто Оља (2013), Бранко Лустиг (2012), Емил Тедески (2011), Џафар Панахи (2011), Анџелина Џоли (2011), Дитер Кослик (2010), Манфред Шмит (2009), Кет Вилиерс (2008), Стив Бушеми (2007), Мајк Ли (2006), Гаврило Граховац (2006), Марко Мулер (2005).
Претходни добитници на програмата „Посветено на“ на Сараевскиот филмски фестивал се:
Елија Сулејман (2024), Џесика Хауснер (2023), Сергеј Лозница (2022), Вим Вендерс (2021), Мишел Франко (2020), Павел Павликовски (2019), Нури Билге Џејлан (2018), Џошуа Опенхајмер, Оливер Стоун (2017), Амат Ескаланте (2016), Бриланте Мендоса, Атом Егојан (2015), Мајкл Винтерботом (2014), Кристи Пују (2013), Тод Солонц (2012), Лукреција Мартел (2011), Бруно Думон (2010), Џиа Џанг-ке (2009), Тод Хејнс (2008), Цаи Минг-Лианг, Улрих Зајдл (2007), Абел Ферара, Бела Тар (2006), Александер Пејн (2005), Душан Макавејев, Гаспар Ное (2004), Питер Малан (2003), Стивен Фрирс (2002), Мајк Ли (2001), Стив Бушеми (2000).