Основачот и поранешен сопственик на брендот за спортска и планинарска опрема Patagonia, Ивон Шуинард, ќе биде почестен со наградата „LionHeart“ („Лавовско срце“) за 2023 година на најголемиот меѓународен фестивал на креативноста Cannes Lions. Наградата им се доделува на личности кои ја искористиле својата позиција за да направат значајна и позитивна разлика во светот околу нас.
„Ивон Шуинард се има неуморно посветено на екологијата преку неговите филантропски придонеси и раководството со Patagonia. Тој ја отелотворува суштината на наградата LionHeart и ние сме почестени што можеме да ја понудиме платформата на Cannes Lions за да ги повикаме светските комуникатори да ја помогнат неговата кауза. Неговата работа е инспирација за сите нас и со нетрпение очекуваме да му оддадеме чест во јуни“ – истакнува Филип Томас, извршен директор на Ascential Futures и претседател на LIONS.
Шуинард ја основаше Patagonia во 1973 година – компанија позната по своите квалитетни производи и посветеност на унапредување решенија за справување со еколошката криза. Компанијата имаше речиси 50 години кога Шуинард одлучи дека е време за уште едно унапредување. Во септември 2022 година, Шуинард и неговото семејство усвоија иновативен модел на сопственост, останувајќи верни на вредностите на компанијата и посветувајќи го вишокот профит на заштита на нашата матична планета.
Шуинард е исто така коосновач на организациите: 1% for the Planet, Textile Exchange, Fair Labor Association, Sustainable Apparel Coalition, The Conservation Alliance, Regenerative Organic Alliance и Global Salmon Farming Resistance.
Деловните мемоари на Шуинард, насловени “Let My People Go Surfing”, се објавени на 16 јазици и се продадени во повеќе од 500.000 примероци. Неговата книга “The Responsible Company” објаснува како да се вградат одредени вредности во некој бизнис.
По повод добивањето на наградата LionHeart, Ивон Шуинард изјави: „Пред 50 години го започнавме овој експеримент на одговорен бизнис, а денес, додека гледаме кон следните 50, ние сме мртви сериозни за справување со еколошката криза. Секој дел од деловното работење на Patagonia, вклучувајќи ја и вредноста што ја создаваме, е поврзан со нашата цел. Имаме долга историја да бараме од клиентите да размислуваат поинаку за облеката што ја носат, да купуваат само она што им треба и да го поправаат кога е потребно. А, како компанија, секоја година донираме 1% од продажбите и сме сертифицирана корпорација од Б-категорија. Но, ништо од ова не е доволно. Затоа решивме дека е време за нов експеримент, со најава дека Земјата сега е наш единствен акционер. Добивањето на признанието на наградата LionHeart испраќа порака дека креативноста може да биде моќна сила во напорите за спас на нашата матична планета. Креативната индустрија е уникатно поставена да го води патот во амбициозните деловни практики и да ги инспирира луѓето насекаде да дејствуваат сега“.
Наградата Cannes LionHeart ќе му биде врачена за време на последниот ден на доделување награди на фестивалот Cannes Lions, во петок на 23 јуни 2023 година.
Како дел од специјален семинар на фестивалската сцена на Cannes Lions, заложбите на брендот Patagonia ќе ги претсатви и Тајлер ЛаМот, маркетинг директор за регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка.
Дополнителни информации за Cannes Lions, вклучително и за говорниците и начинот на учество, се достапни на официјалната веб-страница www.canneslions.com.