Apple повеќе не смее да ги приморува апликациите да го користат исклучиво платежниот систем на App Store – тоа е првата пресуда која падна во спорот помеѓу Fortnite/Epic Games и Apple кој почна пред една година.
Судијката Ивон Гонзалез Роџерс од Окружниот суд на северна Калифорнија пресудила дека Apple го прекршил Законот за нелојална конкуренција со тоа што ги приморале Epic Games (креаторите на Fortnite) да го користат платежниот систем на App Store, со што Apple добива 30% од секоја трансакција. Неодамна, од страна на Елон Маск овој процент на Apple беше наречен „глобална такса на интернетот“.
Како резултат на оваа одлука, Apple повеќе не смее да им забранува на креаторите на апликации да додаваат линкови за надворешни платежни опции. Тоа значи дека корисниците ќе можат да се претплатуваат кон одредени апликации и без да му даваат дополнителни 30% на Apple.
Меѓутоа, судот не смета дека има доволно правна основа да се пресуди дека Apple има монопол.
Apple наводно биле задоволни од крајната одлука. Од друга страна пак, Epic Games сé уште сметаат дека технолошкиот гигант има монопол, па ќе продолжат да се борат за докажување на својата страна.
Epic Games веќе поднеле жалба за одлуката, па се чини дека конечната разврска на правниот спор ќе потрае уште некое време.