Носењето маска е можеби најважната лична мерка за заштита во насока на спречување на ширењето на корона вирусот. Меѓутоа, носењето на маска делумно ја отежнува комуникацијата помеѓу луѓето. Јапонската компанија за роботика Donut Robotics се надева дека открила начин како да го надмине тој предизвик.
Компанијата во рок од само еден месец адаптирала еден од своите претходни роботски системи за преведување на говор кој бил наменет за аеродроми, интегрирајќи го во паметна маска која може да транскрибира и преведува на осум светски јазици.
Паметната маска треба да се носи врз обична маска за лице и функционира врз основа на мобилна апликација со која се поврзува преку Bluetooth. Цената на една маска е само 40 долари.
Од компанијата Donut Robotics се надеваат дека првите 5,000 комерцијални паметни маски ќе можат да се купат во Јапонија почнувајќи од септември, а постојат и идни планови за продажба во Европа, САД и Кина.