Група на луѓе кои се занимаваат со паркур, одлучија да ги искористат своите физички вештини во борбата против светлосната загаденост во Франција.
Тие одлучија да користат паркур за да исклучат голем број светлечки реклами во Париз и на тој начин се обидуваат да го посочат овој проблем, кој троши и многу енергија. Тие се дел од движењето „Lights Off“.
“Исклучувањето на светлата е симболична порака дека компаниите мора да реагираат на овој проблем. Не е важна ефективноста на самите наши активности затоа што не можеме да ги исклучиме сите светла во Париз. Но, се надеваме дека ќе покажеме дека мали чекори може да направи разлика“, изјави 28-годишниот Кевин Ха.
Светличките реклами ги оштетуваат екосистемите и поради тоа во 2013 година во Франција беше донесен закон со кој рекламите мора да бидат исклучени еден час откако последниот работник ја напушти компанијата. Санкцијата за кршење на овој закон е 750 евра.
Но, како што рече Ха, многу светлечки реклами се вклучени над компаниите лоцирани во областа Елисејските полиња.
Паркур активистите изјавија дека за време на нивните активности секогаш се грижат да не ги оштетат излозите на продавниците. Кевин Ха тврди дека некои компании започнале да ги исклучуваат светлата во последните неколку месеци.
Тој посочи дека паркурот се повеќе се користи за изразување политички ставови. Токму како пример за ова го наведе движењето „Lights Off“, пишува Гардијан.