Мисијата Аполо 11 влијаеше на популарната култура уште од 20 јули 1969 година, кога човекот за прв пат успешно се спушти во Месечината. Така, Нил Армстронг и Баз Олдрин станаа првите луѓе кои стапнаа на сателитот на Земјата, што сеуште е едно од најголемите достигнувања кога се во прашање истражувањата на космосот. Овие чекори не оставија трага само на Месечината, туку влијаеа и врз модната индустрија на Земјата, особено кога станува збор за обувките.
Така е и денес, 50 години од мисијата Аполо, кога се` повеќе се бара инспирација во овој настан. Брендовите како Adidas, Nike, New Balance и Vans лансираа нови модели кои повеќе или помалку директно оддаваат почит на првите чекори на Месечината. На креирањето на некои модели, ангажирани се и експерти од НАСА, додека некои други, асоцираат на мисијата само со изгледот.
Така, во јули 2014 година, компанијата Nike ги претстави Nike Air Max Lunar 90 SP “Moon Landing”, што всушност претставуваат редизајниран модел на Air Max 90, чија површина е насликана да потсетува на површината на Месечината. Моделот стана толку популарен што на 50-годишнината од мисијата се продаваат за дури илјада долари, што претставува голема разлика во однос на 145 долари од 2014 година. Покрај овие, компанијата ги претстави и моделите “Nike PG3 NASA,” “Apollo Missions” и “NASA 50th“, чија заедничка точка е цитатот: “Don’t tell me the sky’s the limit when there are footprints on the Moon.”
Љубителите на модата и космички истражувања не можат, а да не се сетат и на моделот на Најк “Moon Shoes”, кои во 1969 година ги дизајнираше еден од основачите на компанијата, Бил Бауерман. Патиките беа именувани по уникатните отпечатоци што ги оставале во прашина, а кои потсеќале на трагите што ги оставиле астронаутите на Месечината. Денес, преостанати се само 12 од овие модели, а се очекува еден пар од нив на аукција на Сотби да достигне цена од дури 100.000 долари.