Американската компанија за бои PANTONE го претстави својот избор за „Боја на годината“ за претстојната 2024 година. Се работи за „нијанса на кадифена праска“, сместена некаде помеѓу портокаловата и розовата боја, која официјално е означена како PANTONE 13-1023, а описно позната како “Peach Fuzz”.
Според извршната директорка на Институтот за бои при PANTONE, Леатрис Ајсман, оваа нијанса е избрана да го симболизира нашиот колективен копнеж за мир и човечка врска во свет полн со предизвици.
„Peach Fuzz носи чувство на припадност, инспирира рекалибрација и можност за негување, создавајќи атмосфера на смиреност, нудејќи ни простор да бидеме, да чувствуваме, да се исцелуваме и да цветаме без разлика дали поминуваме време со други или одвојуваме време за уживање во моментот сами. Извлекувајќи утеха од Peach Fuzz, можеме да најдеме мир одвнатре, што влијае на нашата благосостојба. Идеја колку и чувство, Peach Fuzz ги буди нашите сетила за утешното присуство на тактилна и заштитна топлина“ – објаснува Ајсман.
Peach Fuzz постигнува деликатна рамнотежа помеѓу „винтиџ“ шарм и современа елеганција. Нејзината суптилно сензуална природа ја прави истовремено поетска и романтична. Оваа нијанса, не само што рефлектира чувство на носталгија, туку се вели дека лесно се прилагодува на модерната гардероба и естетика, подеднакво прифатена и во машката и во женската мода.
Изборот на боја на годината е долготраен и темелен процес за PANTONE, а се спроведува веќе 25 години. Тој вклучува сеопфатна анализа која ги опфаќа модните трендови, движењата во дизајнот на ентериер, значајните моменти во поп-културата и човечката психологија. Peach Fuzz се појави како боја на модерноста и носталгијата, сè повеќе наоѓајќи го своето место во различни аспекти на животот и стилот.
Како што влегуваме во 2024 година, PANTONE 13-1023 Peach Fuzz стои како симбол на топлина и споделено човечко искуство, поканувајќи нè да прифатиме свет исполнет со сочувство, негување и нежна радост која произлегува од заедништвото.