Викендов во Преспа започна серијата на настани кои месецов ќе се случуваат низ Пелагонија во рамки на проектот „Откриј ја Пелагонија“. Целта на проектот е да се промовира Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам.
Во склоп на овој проект беше изработен и визулен идентитет на Пелагонија како дестинација за авантуристички туризам од страна на креативниот тим ( mycreativeteam.com ) на маркетинг агенцијата Eyecon Media од Битола кој беше претставен вчера, на прес – конференција на настанот „Откриј ја Пелагонија“, во Стење.
Oд My Creative Team ни објаснија дека идејата за дизајн на логото како дел од Визуелниот идентитет на регионот е самата природа и нејзините природни форми. Логото произлезе од формата на регионот поделен на 9 делови – асоцијација на деветте општини во Пелагониски регион.
“Бидејќи се работи за лого на Регион (дестинација), а не корпоративно лого, си дадовме слобода да употребиме многу боja што му дава на логото еден весел, авантуристички и адреналински дух. Боите исто така си имаат свое ЗОШТО: асоцираат на идејата дека сите општини во Пелагонискиот регион се единствени и различни една од друга, но обединети во целта да го заживеат авантуристичкиот туризам – обединети во различностите и уникатните можности за авантура кои ги нуди секоја една од деветте општини “
Логото за овој проект ја идентификува Пелагонија како регион за одлична авантура која изобилува со прекрасни глетки, недопрена природа, органска храна, вековна традиција и култура.
Тоа е живо како и самата природа и се менува во однос на позадината на која се користи.
Во рамките на овој визуелен идентитет беше изработен и Прирачник за користење на логото (ЛИНК) и Прирачник за користење на визулениот идентитет (ЛИНК).