Ако им веруваме на идеите кои рускиот адвертајзинг стартап StartRocket ги пласираше јавно, за брзо време во нашите медиа планови ќе вклучуваме и “рекламирање на небо“.
Планот на компанијата StartRocket е да лансира десетици мали CubeSat сателити во орбитата на Земјата и да ги стави во формација која би претставувала “екран” наречен Orbital Display. Во него, секој сателит би бил еден пиксел кој би можел да биде индивидуално контролиран, а сликата би се добивала со огледала и со рефлектирање на Сончевата светлина. Овие небесни билборди ќе имаат можност да прикажат една порака околу шест минути над дадената локација.
Овој необичен концепт, кој уште пред првото лансирање, предизвика бројни реакции, сега го доби и првиот клиент. Реклама на орбиталниот систем на сателити ќе закупи американскиот производител на храна, пијалоци и грицки PepsiCo. Тие планираат на овој револуционерен, но и контроверзен начин да го рекламираат својот енергетски пијалак “Адреналин Раш”.