Брендот за безалкохолни пијалаци Pepsi денес ја лансира својата нова трајна верзија на газирана кола со вкус на манго. Пијалокот ќе се продава во две варајанти – со шеќер и без.
Додавањето на манго кон препознатливиот вкус на Pepsi за многумина се чини како чудна комбинација, меѓутоа од компанијата посочуваат дека: „светлиот цитрус и богатите ноти на карамела со кои се одликува ладното Pepsi создаваат одлична основа за зрелите овошни вкусови што го прават мангото толку неодоливо.“
Од компанијата објаснуваат дека мангото е едно од најпопуларните овошја во повеќе различни национални кујни, а неговата консумација во САД се зголемила трикратно само во последната деценија. Од Pepsi велат дека го разбираат скептицизмот поврзан со новиот вкус, меѓутоа единствениот начин како тој може да се победи е доколку се следи девизата „Пробај за да поверуваш“.
Со цел промоција на новиот вкус, брендот лансираше 15-секунден рекламен спот, кој првично ќе биде емитуван во САД на англиски и шпански јазик. Кампањата главно ги таргетира припадниците на милениумската и генерацијата „Z“, како и потрошувачите од латиноамериканскиот пазар каде мангото е културен стандард.