Брендот на чоколади KitKat се здружи со агенцијата Wunderman Thompson UK за да демонстрира колку е всушност препознатлив нивниот слоган, користејќи само пет букви за да ја докаже трајната моќ на повеќедецениската конзистентна порака на брендот.
KitKat за прв пат го претстави својот слоган „Have a Break, Have a KitKat“ во 1957 година и до ден-денес е широко препознат низ целиот свет. Всушност, тоа е слоган толку добро познат што не мора ни да го завршите или да го додадете името на брендот за луѓето да го препознаат. Па така, уште пред 10 години, KitKat почна да го користи само слоганот, без името на брендот, во дел од своите кампањи.
Сега KitKat оди чекор понатаму, поместувајќи ги границите на тоа колку букви се потребни за да се препознае нивната порака. Овој експеримент реши да го спроведе агенцијата Wunderman Thompson UK, преку поставување дигитален билборд на О2 Арената во Лондон.
Имено, билбордот ги прикажува само првите пет букви од слоганот, односно “Have a”, како бел текст на препознатлива црвена позадина, со цртичка што трепка во улога на индикатор дека нешто треба да се допише.
Според истражувањето кое следувало, повеќе од половина од луѓето не само што го идентификувале брендот, туку и ја разбрале пораката, демонстрирајќи ја моќта на слоганот „Have a Break, Have a KitKat“.