Приватните национални телевизии се организира во медиумска асоцијација во рамки на Стопанската комора
Новоформираното здружение Македонска Медиумска Асоцијација (MMA) ќе ги штити интересите на пет приватни телевизии во Македонија – Канал 5, Сител, Телма, Алфа и Алсат.
Иако се конкуренти во медиумскиот простор, тие заеднички ќе настапуваат во Стопанската комора на Македонија за да се борат за остварување на своите права на пазарот.
За претседател на ММА е избран Иван Мирчевски, генерален директор на Канал 5, а за заменик Атанас Кировски, главен и одговорен уредник на Телма.
„Ова е едногласна одлука на петте најмоќни телевизии“, рече Мирчевски, според кого телевизиите веќе детектирале проблеми во системот и во законите кои ја регулираат нивната дејност. Правилникот за работа на асоцијацијата треба да биде изготвен за 15 дена.
Формирањето на новото здружение го поздравија и министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и првиот човек на Агенцијата за медиуми Зоран Трајчевски.