Едукативниот центар „Едуфронт“ ја заврши учебната 2023/24 година со традиционален завршен настан на којшто се собраа учениците, наставниците и родителите за да го прослават успехот на петтата генерација на ученици.
Учениците во „Едуфронт“ посветено ја следеа наставата во текот на цела учебна година и успешно завршија по две последователни онлајн обуки од избраната Digipath – Дигитална патека за учење. На завршниот настан беа доделени повеќе од 100 дипломи, пришто секој ученик доби по една диплома за секоја завршена обука.
Пред доделувањето на дипломите, учениците имаа можност да ги презентираат своите завршни проекти и да покажат дел од она што го научиле во текот на обуките:
- Графички дизајн: Учениците ги презентираа своите изработени дизајни во платформата Canva, демонстрирајќи ги стекнатите вештини за креативен и професионален дизајн.
- Веб дизајн: Учениците од дигиталната патека за веб дизајн прикажаа високо ниво на техничко знаење и креативност преку своите веб страни во HTML, CSS, JavaScript и Bootstrap.
- Програмирање во Python: Учениците кои ги завршија првите две обуки од оваа патека ги покажаа своите верзии на игри изработени во Pygame. Учениците од понапредните обуки презентираа примена на Python во Django преку мини веб проекти на теми од училишни предмети.
- Scratch програмери: Најмалите програмери се пофалија со своите интерактивни 2Д игрички, демонстрирајќи го нивното разбирање за основите на програмирањето и нивната креативност.
Во текот на две училишни полугодија, под менторство на предавачите од Едуфронт, учениците се воведуваа во основите на програмирањето, веб дизајнот и графичкиот дизајн. Задоволството беше големо бидејќи со успех заврши еден период на вложен труд. Доделувањето на дипломите беше само заокружување на периодот, а самата церемонија беше посебно значајна за учениците бидејќи се одвиваше во присуство на нивните родители и блиски другарчиња.
Настанот беше одлична можност за учениците да се видат со своите соученици и да ги продлабочат своите пријателства. Повторната средба со ученици кои се редовни посетители веќе втора или трета година беше навистина посебна, бидејќи можеше да се види колку напредувале и колку се посветени на своето учење. Родителите го изразија своето задоволство од организацијата и спроведувањето на наставата, како и од постигнатите резултати на нивните деца.
На крај, Едуфронт им се заблагодари на сите ученици, родители и предавачи за нивната поддршка и посветеност. Со нетрпение се очекува новата учебна година која започнува во септември. Уписите за нови наставни групи и информативните настани ќе бидат најавени во август. Сите заинтересирани ученици и родители се поканети да се приклучат на образовната заедница на Едуфронт и заедно да влезат во нови дигитални авантури.