Откако научниците развија вакцина против корона вирусот, следна задача е да се убедат колку што е можно повеќе луѓе да се согласат да ја примат. Меѓутоа, дезинформациите ги обесхрабруваат луѓето во однос на процесот на вакцинација.
Со цел да се поттикне самодовербата на американската јавност, фармацевтските компании Pfizer и BioNtech, со помош на креативната агенција Mischief @ No Fixed Address, лансираа кампања во која ги илустрираат придобивките од вакцинацијата на едно емотивно ниво.
Кампањата “Because of This” („Поради ова“) е составена од неколку кратки спотови кои даваат одговор на прашањето „Зошто ќе се вакцинирате?“. Снимките употребени за спотовите се вистински, откриени онлајн, и прикажуваат моменти на меѓучовечка радост во малите нешта кои пред пандемијата сме ги земале „здраво за готово”.
Слоганот на кампањата е: “Science can make it possible. Only you can make it real” („Науката може да го направи возможно. Само вие можете да го направите реално“). На самиот крај од спотот се појавува адресата на веб-сајтот SciencePossible.com, кој нуди проверени информации во врска со пандемијата на Ковид-19 за оние луѓе кои можеби се поскептични.
Спотовите од кампањата ќе бидат емитувани на националните телевизии во САД, како и на социјалните мрежи Facebook, Instagram, Twitter и YouTube. Кампањата ќе вклучува и out-of-home активности во вредност од 1,4 милиони долари, донирани од медиската организација Quan Media Group. Во спроведувањето на кампањата свој удел ќе има и ПР агенцијата Dini von Mueffling Communications.