Иако неизбежна е споредбата со светски најпознатите сервиси на “TV on demand” интернет телевизиите како Netflix или Hulu, сепак нејзините основачи велат дека ова е единствен производ со нови квалитети, а ние дополнуваме, и со многу поубаво име – Pickbox TV.
Pickbox TV е првата регионална интернет телевизија, неодамна основана во Хрватска а достапна и во Македонија, Србија, Словенија, Бих и Црна Гора која на корисниците им овозможува да гледаат телевизиска содржина преку интернет во форма на играни, сериски и документарни филмови тогаш кога тие сакаат и на уредот кој тие ќе го одберат.
Основачката на Pickbox, Сања Божич-Љубичич се надева дека со бизнис формулата “100% содржина, 0% реклами“ ќе успее да привлече што повеќе претплатници кои, како што велат во Pickbox, ќе бидат “луѓе а не пирати“ и ќе изберат за минимална месечна претплата опција да гледаат 3000 часа премиерна и ексклузивна ТВ содржина .
Во изјава за Маркетинг365, Сања ни откри дека моментално на Pickbox посветено работат повеќе од 50 луѓе кои се трудат корисниците да имаат беспрекорно корисничко искуство при секоја интеракција со сервисот и да уживаат во своите омилени серии и ТВ содржини веднаш по нивните премиери .
Претплатниците на Pickbox, своите омилени сериски, играни, документарни и цртани филмови, преведени на македонски јазик, можат да ги гледаат на компјутер, телефон, таблет (има достапни апликации за iOS, Android и Windows)….а со почетокот на есента тоа ќе можат да го прават и на Smart TV.
Pickbox досега има склучено договори за соработка со продукции како BBC, ITV, Disney, Sony, МGM и други.
Еден месец претплата изнесува 305 денари при што можат да се одберат до два уреди на кои може да се користи една претплатничка сметка за гледање на ТВ содржината преку интернет. Плаќањето е припејд, месец за месец, без никаков обврзувачки договор.
Бидејки ние во Маркетинг365 сме ептем кул дечки :), рековме да се регистрираме еден месец, да го испробаме Pickbox некое време па потоа да им направиме една бесплатна реклама.Си ја заслужуваат, зошто конечно некој се сети да го донесе одличниот бизнис модел на Netflix и Hulu на регионалниот пазар а и ние сакаме нашите читатели да бидат сигурни дека ако се решат да се претплатат на овој сервис ќе добијат нешто квалитетно и корисно.
Во однос на содржината која е во понудата, нашата оценка е дека е повеќе од задоволителна, ги има повеќето хит серии (тие кои сеуште се емитуваат се достапни веднаш по премиерата во САД), има многу интернесни документарци и навистина врвни филмски остварувања… а секако не е за потценување нити одличната колекција на ТВ понуда во форма на цртани серии и детски филмови.
Навистина е уживанција да се гледаат одличните документарци на BBC на таблет во кревет :)
Ако сакате да ги видите достапните наслови, доволно е само да се регистрирате на сајтот (немора веднаш да се претплатувате), со што ќе ја видите целокупната понуда заедно со куси трејлери за филмовите и документарците.