Американскиот синџир на пицерии Pizza Hut постави рекорд за најголема пица во светот, која опфаќа површина од дури 1300 квадратни метри!
На 18 јануари, за да го прослави враќањето на култната омилена пица “Big New Yorker” по 24 години, брендот се здружи со јутјуберот Airrack, кој штотуку постигна 10 милиони претплатници, за да го постави рекордот за најголема пица во светот.
Огромната пица, направена по рецептот на Big New Yorker, содржела над 6 тони тесто, над 2 тони сладок маринара сос од домати и скоро 4 тони кашкавал, заедно со околу 630.000 стандардни тркалца кулен.
Со површина од 1300 квадратни метри, пицата е призната од Гинисовата книга на рекорди како „најголемата пица во светот“. Таа се печеше на лице место, поделена на парчиња, во Конгресниот центар во Лос Анџелес. Пицата потоа беше донирана на неколку добротворни организации во градот.