Првата недела на Елон Маск како нов сопственик на Твитер донесе значајни промени во компанискиот борд на директори, најава за воведување месечна претплата за верификација на профили, а сега и најва за можно „воскреснување“ на популарната платформа за кратки видеа Vine.
Vine, за многумина, беше оригиналниот TikTok и можеби беше апликацијата што го поттикна создавањето и консумацијата на видео содржини од краток формат. Vine престана со работа во 2016 година откако Твитер ја купи платформата за да ја преземе нејзината технологија.
Нејзиното укинување беше значително забележано во сферата на социјалните медиуми, оставајќи многу влијателни лица и пошироката јавност да го бараат нејзино враќање. Сега, по купувањето на Твитер, Елон Маск организираше анкета на неговиот профил за тоа дали треба да се врати Vine. На анкетата досега гласаа скоро 5 милиони луѓе, а 70% од испитаниците одговорија потврдно на поставеното прашање.
Bring back Vine?
— Elon Musk (@elonmusk) October 31, 2022
Всушност, под неговата објава, некои од старите креатори на Vine, како Zach King, одговорија со многу ентузијазам на плановите на милијардерот. Познатиот јутјубер Mr Beast истакна дека доколку тоа се случи, конкуренцијата на Vine со TikTok би била „урнебесна“. Со оглед на начинот на кој толку многу платформи сега го имитираат TikTok, дали оригиналната апликација за кратки видеа Vine може да биде онаа која што ќе го собори TikTok од подиумот?
Кон дискусијата за потенцијалното враќање на Vine се приклучи и Сара Бејкпур, поранешен софтверски инжинер во Vine, која посочи дека кодот на апликацијата е стар 6 до 10 години. Нејзината препорака до Маск, доколку тој навистина се одлучи да ја врати видео-платформата, е дека таа треба да се испрограмира целосно од нула, со цел да биде во чекор со развојот на современата технологија.