Документарниот филм кој ја воодушеви светската публика на бројни фестивали, доаѓа во Скопје
По светската премиера на DOC NYC, документарниот филм „Патување пеш“ [The Walk], денес, 22.08.2024, ќе ја доживее својата премиера дома, пред македонската публика, на затворањето на 15-то издание на Македокс во Куршумли Ан.
Документарниот филм на македонската режисерка Тамара Котевска, го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, млада бегалка што патува преку сириската граница во Турција, низ Европа, во обид да си најде дом. Филм за детската невиност и моќта на имагинацијата во време на криза, разоткривајќи ја одисејата на Амал, преку два континента, симболот на бегалците низ цел свет. Филмот се снимаше 2 години, на територија на повеќе од 10 земји.
„Јас лично бев интимно мотивирана да го направам овој филм баш поради тоа што потекнувам од земја каде што бегалците се невидливи и тоа сите ние го знаеме и сведочиме. Тоа што го видов од овој проект е дека ние не смееме да останеме слепи на овој проблем и многу ми е мило што денеска овој филм е гласот кој се надевам дека ќе ja разбуди македонската публика да сфати дека бегалците не се невидливи и тие постојат секаде околу нас во нашава земја. Се надевам дека овој филм ќе допре до сите и дека ќе направи промена,“ вели режисерката Тамара Котевска.
Филмот имаше европска премиера во конкуренција на најголемиот фестивал за човекови права, во срцето на Женева, Швајцарија – FIFDH, каде имаше 2 проекции. А светската премиера брилјираше во Њујорк. Ова е втор долгометражен документарен филм на нашата млада режисерка Котевска и следи после големиот успех на „Медена земја“ за кој доби три големи награди на филмскиот фестивал Санденс во САД во 2019 год, а имаше и две номинации за Оскар следната 2020 година.
„’Патување пеш’ ја следи приказната на Амал, џиновска кукла од 3,5 м. Таа претставува мало девојче бегалец, кое преку сириската граница патува низ Турција, а потоа и низ Европа во обид да најде дом. Прекрасен македонски филм за детската невиност, моќта на имагинацијата и потребата да се заштитат и вклучат бегалците ширум светот. УНХЦР е горд што соработува со режисерката на филмот Тамара Котевска и со композиторот и уметникот Дуке Бојаџиев, чија музика ја збогатува емоционалната длабочина и моќната порака на филмот. Ве поканувам сите да го погледнете филмот и да се солидаризирате со бегалците,“ истакна Габриел Гуалано де Годој, Претставник на УНХЦР во Северна Македонија.
Главен продуцент на филмот „Патување пеш“ е една од најголемите наградувани британски филмски компании со фокус кон документарните филмови, Греин Медиа (GRAIN MEDIA), македонски ко-продуцент е ОХО Продукција, a филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм.
Во филмот учествуваат и актерите Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија, кои како што велат од ОХО Продукција, ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле сè, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште.
„Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест, џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар“, вели продукцијата.
По премиерата, вечерта ќе продолжи со концерт на македонскиот композитор и пијанист Дуке Бојаџиев, кој со своите виртуозни композиции инспирирани од филмот ќе ја заокружи магичната вечер. Концертот е поддржан од УНХЦР.