Sony Interactive Entertainment ја претстави својата нова играчка конзола со виртуелна реалност PlayStation VR2, а по тој повод ја лансираше и новата кампањата “Feel A New Real” („Почувствувајте нова реалност“).
Очекувано за кампања посветена на виртуелната реалност, централниот видеоспот е снимен од гледна точка на корисникот како протагонист кој го следиме на возбудливо патешествие низ извонредни виртуелни светови: од пилотската кабина на нападнат вселенски брод, до принудно слетување во мистериозно село, бегање од непријателски настроените локални жители, пред конечно да падне низ бунар и да се симне на грбот на џиновско фантастично суштество.
Прикажаниот виртуелен свет претставува рефлексија на видео играта Horizon Call of the Mountain, која што ќе може да се игра преку конзолата. Соодветно, рекламата е проследена со епски звучни ефекти и графика.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција adam&eveDDB.