Данскиот производител на играчки LEGO ја лансираше својата нова Божиќна кампања насловена “Gift the Superpower of Play” („Подарете ја супермоќта на играта“), како најново продолжение на бренд-платформата “Play Is Your Superpower” („Играта е твојата супермоќ“).
Централниот спот на празничната кампања отпочнува со сцена во која група на деца си играат во снегот. Но, кога едно од децата ќе спои две лего-коцки, се случува општа трансформација на просторот – реалното се спојува со надреалното, а децата добиваат супермоќ да ги „оживеат“ играчките од светот на LEGO.
„Повеќе од 90 години, LEGO ја ослободува креативноста и имагинацијата кај децата. Ние веруваме дека креативното експериментирање преку игра помага да се отклучат „супермоќите“ – како што се самодовербата, креативноста и комуникацијата – и дека овие вештини им користат на децата за цел живот. За нашата празнична кампања оваа година, сакавме да покажеме дека играта со LEGO може да го претвори обичното во извонредно, овозможувајќи им на децата повторно да го замислат и обноват својот свет преку игра. Што е подобро да подарите отколку супермоќта на играта?“ – истакнува Џулија Голдин, генерален директор за производи и маркетинг во LEGO Group.
Кампањата е создадена од страна на внатрешниот креативен тим на компанијата, Our LEGO Agency, во соработка со агенцијата Droga5 Dublin.
Погледнете ја новата празнична реклама на LEGO на следниот линк.