Дали некогаш сте се запрашале како би изгледале популарните апликации во 80-тите години на минатиот век? Графичката дизајнерка Лули Кибуди од Буенос Аирес, која моментално живее во Барселона, креираше серија фотографии наречени „Once Upon a Time”, во кои прикажува како би изгледале познатите апликации пред неколку децении и им дава нов, ретро изглед.
„Да бидам искрена, до идејата дојдов откако случајно наидов на фотографија од флопи диск на интернет. Помислив „ова е iCloud од минатото“. Го искористив дополнителното време што го имав поради пандемијата COVID-19 и работев на нови проекти, па мислев дека би било забавно да се направи проект како овој. Кога го смислив главниот концепт, почнав да размислувам за останатите елементи кои ги користев во моите помлади денови и започнав да ги поврзувам со апликациите што ги користиме денес. „Поминав три дена размислувајќи за називот на проектот, сакав тој назив во себе да има некој заплет, сè додека не дојдов до сегашното име „Once Upon a Time“.
Во нејзиниот проект, Facebook станува заборавен фото албум, “Microsoft Word“ е стара машина за пишување, “Linkedin“ е прикажан како огласник за работа, а “Gmail“ како писмо. Овој проект ја буди носталгијата за минатите времиња кога луѓето бараа работа во весници, испраќаа писма едни до други и ги носеа во пошта, а вистинските фотографии се чуваа во албуми.
На прашањето колку време и` требало на една илустрација, Лули вели: „Зависи од сложеноста: на поедноставните, логично поминав помалку време, како оние за „Spotify“ и „Netflix“ (по половина час). Посложените како „LinkedIn“, „Pinterest“ и „Gmail“ одземаа повеќе време поради ретуширање (3 часа). “Лули вели дека уживала во креирањето на овој проект затоа што можела да му посвети онолку време колку што сакала. „Уживав во сите фази: од размислување за апликации во старите времиња, поврзување на ретро елементи и ретуширање на сите фотографии, до прегледување на финалниот дизајн“, објасни таа.