Заштитните маски секако го штитат здравјето на луѓето за време на пандемија, но тие во голема мерка ја променија интеракцијата на луѓето во јавноста. Одеднаш веќе не е толку лесно да се даде и да се добие пријателска насмевка. За среќа, американската Агенција за храна и лекови (ФДА) има решение.
Новата маска, чија употреба е одобрена од ФДА, се нарекува LEAF, а станува збор за транспарентна маска под која може да се видат насмевките на оние што ја носат.
Маската LEAF е опремена со филтер N99 + HEPA, а достапни се три модели на маски – LEAF Hepa, LEAF UV и LEAF Pro.
„Ја дизајниравме LEAF маската со цел да останеме нормални дури и во абнормални времиња“, велат од тимот на LEAF, пренесува My Modern Met.
Маските се креирани во компанијата Redcliffe Medical Devices во Мичиген и ги имаат сите фактори што ги прават ефективни и корисни. Ова вклучува траен слој против замаглување од внатрешната страна на маската, што овозможува маската сама да се чисти и помага да ја задржите вашата насмевка видлива во секое време.
Покрај тоа, маските имаат трајна антимикробна и хидрофобна обвивка однадвор што убива 99,99 проценти од микробите, покажале тестовите. Како дополнителен степен на заштита, маските се опремени и со карбонски филтер.
За љубителите на технологијата, моделот LEAF Pro функционира со iOS и Android апликација за контрола на вентилацијата и проверка на квалитетот на воздухот во непосредната близина. Апликацијата исто така може да ви даде податоци за вашиот метаболизам и нивото на СО2.
Во четири различни големини, маската LEAF е достапна за сите возрасти и во моментов може да се нарача со почетна цена од 49 долари.