Иако четвртата индустриска револуција донесе уверување дека технологијата ќе преовладува, фокусот и понатаму останува на луѓето, нивните емоции и вредности, додека технолошките решенија забрзано го менуваат светот – но по мерка на човекот. Ова е пораката на десеттото издание на Direct Media Академија, која во Мадленианум собра повеќе од 500 највлијателни маркетинг и медиумски експерти од регионот.
Маркетинг настанот на сезоната беше домаќин на светски рениомирани и домашни експерти во областа на брендирање и комуникации, иновации и имплементација на најновите технологии во медиумите, менаџмент на новата ера и филмска индустрија.
Поздравувајќи ги присутните, директорот на DIRECT MEDIA United Solutions, Јован Стојановиќ изјави дека системот подготвено влегува во една нова технолошка ера во која за решавање на деловните предизвици ќе биде неопходен сеопфатен пристап.
“Ваквиот пристап подразбира ширина во креативно решавање на проблемите во комбинација со употреба на технологија во длабочина, а се` во служба поефикасен и поквалитетен одговор на брендовите на потребите на потрошувачите”, изјави Јован Стојановиќ.
Дури 84% од учесниците на Академијата веруваат дека човекот во новата ера на комуникации и понатаму треба подобро да ги познава луѓето отколку машините и покрај тоа што сосема извесна и корисна ја гледа поголемата употреба на технологијата, како што се машинското учење и вештачката интелигенција во маркетинг и медиумите. Во фокусот на огласувачките кампањи во новата ера на комуникација ќе бидат емоциите на потрошувачите, сметаат 65% од испитаниците, со што се согласува и еден од најкреативните умови на денешницата и предавач на Direct Media Академијата, Равид Куперберг од агенцијата Mindscapes.
“Како и секогаш, клучната вештина е разбирање на луѓето, нивните животи и драмата која ја доживуваат, како и креативните, нови начини на нивно решавање, кои се релевантни за брендот и неговиот живот. Технологијата никогаш не треба да биде суштината на една приказна, таа треба да помогне при нејзино заживување “, рече Равид.
Кога станува збор за трансформација на медиумите, телевизијата како изворен, “оригинален” инфлуенсер ќе остане најдоминантен медиум, но во нова форма, порачаа на Direct Media Академија експертите од областа на ТВ иновациите.
“Преминот од аналогна во дигитална телевизија заедно со новите технологии овозможи корисничкото искуство и конзумирањето на содржината да станат повеќе персонализирани од кога било досега и прилагодени на индивидуалните потреби и вкусови. Сега, кога овие иновации се достапни во вашиот регион, квалитетот на искуството на гледање неизбежно ќе се подобри значително”, изјави Willem Janssen од Comcast компанијата FreeWheel, која е глобален лидер во технолошките решенија за огласување и телевизија.
Директорот на центарот за истражување и развој на United Group, Срѓан Ѓурѓевиќ, кој одржа предавање на тема иновации во телевизијата, изјави дека денешниот гледач бара содржината да му се “скрои по мерка“, затоа што со право очекува услуга во која ќе го поминува времето гледајќи го она што го сака, а не барајќи го она што го сака.
“Употребата на мобилните уреди рапидно расте, денешните гледачи се постојано во движење, живеат брзо и сакаат се` да им е на дофат на рацете. Телевизијата мораше да го следи овој тренд и на гледачте да им ја обезбеди посакуваната содржина во посакуваниот момент на посакуваниот уред. Меѓутоа, не е доволно да има само голема количина на содржина, туку и моќна технолошка платформа заснована на најновите технологии, како што се ML и AI, како и брз и лесен кориснички интерфејс. Ние се трудиме, преку нашиот центар за иновации, United Cloud, константно да ги следиме новите трендови и технологии, а со тоа да им го зголемиме задоволството на гледање телевизија на нашите корисници “, рече Срѓан.
Кога станува збор за новиот вмрежен организациски модел, коосновачот на Digitalizuj.Me и програмски директор на конференцијата Spark.me, Владимир Вулиќ, даде свое видување за процесот на дигиталната трансформација, како еден од најважните катализатори во еволуцијата на бизнисот.
“Најважниот чекор на патот на дигиталната трансформација е промена на начинот на размислување. Современите методи на работа бараат промена на парадигмата не само кога станува збор за технологијата, туку и во начинот на организирање на работата и процесите во рамките на компанијата. Вработените треба од улога на оние кои извршуваат наредби, да ја преземат улогата на рамноправни креатори на вредности, додека комуникацијата со сите заинтересирани страни треба да биде врз основа на слободниот проток на информации и колаборација “, вели Владимир.
Меѓу говорниците оваа година се најдоа и Џон Буркхарт, маркетинг консултант на TBC Global, стратег за содржина и ко-автор на книгата Newsjacking и познатиот уметник, Драган Бјелогрлиќ.
Во новата ера на комуникации, ќе биде речиси поеднакво важно поседувањето на мултидисциплинарни вештини, но и познавање на комплексните технологии, заклучија учесниците на ДМ Академија.
Токму стекнувањето на нови знаења и практични вештини беше темата на дводневната едукација во текот на која на учесниците во двата модули Медиуми и Брендинг, преку серија на предавања и работилници, им се презентирани најновите трендови во областа на медиумите и комуникациите. Овие предавања ги водеа експерти од системот на DIRECT MEDIA United Solutions.
Секоја година приходот од продажбата на котизациите од Direct Media Академијата одат во хуманитарни цели, а тоа ќе биде пракса и оваа година.