Сладолед и автомобили е комбинација која ретко се гледа во светот на маркетингот, но Porsche го направи токму тоа.
Автомобилскиот бренд се здружи со локалната фабрика за сладоледи Pretty Cool Ice Cream од Чикаго и по повод американскиот Национален ден на сладоледот (17 јули) создаде лимитирана серија на сладоледи во боите на нивните автомобили.
Имено, сладоледите доаѓаат во пет различни бои извадени директно од каталогот Paint to Sample на Porsche, при што креативниот тим ги избира оние нијанси за кои сметаше дека најсоодветно може да се претворат во сладолед.
Петте бои според кои тимот создаде сладоледи се: црвена јагода, ментол-зелена, металик-макадамија (кафена), металик-златна лимета и металик-малина.
Потпретседателката на Porsche Cars North America, Ајеша Кокер, во соопштение за јавноста посочи дека ова било забавен проект за сите љубители на брендот. Таа исто така напомена дека тимот соработувал исклучително тесно со Pretty Cool Ice Cream за да се осигура дека нијансите се идентични со боите на Porsche.
Сладоледите се достапни само ограничено време преку продавницата на Pretty Cool Ice Cream, но ќе се појават и на неколку настани на Porsche подоцна во годината.