Во годината кога го прославува својот петгодишниот јубилеј, еден од највлијателните домашни спортски медиуми, порталот ЕКИПА ги избра петте најдобри македонски спортисти на сите времиња, на кои им го додели и признанието „ВРВЕН АС – ЕДЕН ОД НАС“.
ЕКИПА, петгодишниот роденден, меѓу другото, го одбележува со изборот на пет имиња кои ја одбележаа македонската спортска историја, а кои заслужуваат да бидат потенцирани пред домашната јавност. Според ЕКИПА, најдобрите во историјата на Македонија во светот на спортот се:
– Перо Антиќ, двократен европски шампион со Олимпијакос, лидер на македонската репрезентација која стигна до 4.место на ЕП во Литванија, и прв и досега единствен македонски кошаркар кој заиграл во НБА лигата.
– Кирил Лазаров, европски шампион со Барселона, рекордер по бројот на постигнати голови на СП. Лазаров е со повеќе од 50 трофеи во својата ракометна кариера и е долгогодишен капитен на македонската ракометна репрезентација, со која беше петти во Европа.
– Шабан Трстена, „златното момче“ на македонското борење. На Олимписките Игри во Лос Анџелес во 1984 година се искачи на највисокото место на пиедесталот, блескајќи во дресот на поранешна Југославија. Со само 19 години го покори светот, и тоа на најголемиот спортски настан, Олимписките Игри.
– Дарко Панчев, најдобриот македонски фудбалер во 20.век. Европски и светски шампион со Црвена Звезда, репрезентативец на СФРЈ и учесник на Светското првенство 1990 во Италија.
– Горан Пандев, најдобриот фудбалер во поновата наша историја, европски шампион со Интер, и освојувач на бројни титули во Италија, со Лацио, Интер и Наполи.
„Ова се пет имиња, според нашиот избор, вредни за максимална почит, која во македонски рамки можеби и не ја добивааат каква што секако ја заслужуваат. Можеби оваа награда од ЕКИПА и не е „златна“, но сигурно уште еднаш ќе ги потврди како златните спортисти на Македонија. Убаво е кога некој е ’врвен ас, а истовремено и еден од нас’“ – велат од редакцијата на ЕКИПА.
Како што нагласуваат од ЕКИПА, до прославата на нивниот роденден на почетокот од септември, наредниот период на страниците на својот портал (www.ekipa.mk) на читателите ќе им сервираат и пет ексклузивни интервјуа со петте издвоени спортисти.