Во текот на месец мај бевме сведоци на остра реторика од страна на американскиот претседател Доналд Трамп кон социјалните мрежи, пред сé Твитер, Фејсбук и Снепчет, обвинувајќи ги дека се под контрола на „радикалната левица“ и дека ги цензурираат десничарските мислења. Работата отиде дотаму што Трамп потпиша и извршна наредба со цел зголемување на надлежноста која ја има владата во регулацијата на социјалните мрежи.
Твитер започна да обележува дел од твитови на Трамп како дезинформации или пак дека поттикнуваат насилство, што претставува драстично заострување во односот на Твитер кон американкиот претседател, имајќи во предвид дека претходно му дозволуваа дури да им се заканува на други светски лидери со нуклеарна војна.
Снепчет не останаа покуси, неодамна соопштувајќи дека нема повеќе да го промовираат профилот на Трамп во делот Discover на апликацијата.
Во меѓувреме, Фејсбук, или поточно неговиот сопственик Марк Зукерберг, остана прилично резервиран, па дури и го критикуваше Твитер за својот однос кон Трамп во гостување на Fox News, истакнувајќи дека „компаниите не треба да бидат арбитри на вистината“.
Одбивањето на Зукерберг да превземе некаква супресивна акција кон Трамп го навлече гневот на дел од неговите вработени. Имено, кога претседателот во контекст на ескалацијата на протестите против полициската бруталност и расизмот во САД напиша „Кога почнува крадењето, ќе почне и пукањето“, Зукерберг изјави дека иако имал негативна реакција кон коментарот на претседателот, тој нема да биде цензуриран бидејќи не ги крши правилата на Фејсбук. Како реакција кон ваквата одлука на Зукерберг, дел од вработените на Фејсбук протестираа преку еден заеднички ден на отсуство од работа.
Вчера пак, претседателскиот кандидат од Демократската партија, Џо Бајден, објави на својот официјален веб-сајт отворено писмо до Фејсбук и Марк Зукерберг, барајќи од него и неговата платформа „проактивна борба против бранот на дезинформации“ во однос на изборите и политиката.
Бајден го повика Фејсбук да прави „fact-check“ на сите политички реклами пред нивното објавување на платформата во период од две недели пред изборниот ден во ноември и да запре да ги „засилува неверодостојните содржини.“
„Сè што е помалку од тоа ќе го направи Фејсбук алатка за дезинформации што ја кородираат нашата демократија. Фејсбук вети подобро. Американските гласачи заслужуваат подобро,“ се додава во писмото на Бајден.
Но, Фејсбук не се дава. Компанијата експресно одговори со соопштение во кое направи споредба помеѓу нападите на Републиканците и Демократите против социјалните мрежи, додавајќи дека регулацијата на политичките реклами е прашање за легислаторите, а не за Фејсбук.
„Пред две недели, претседателот на Соединетите Држави потпиша извршна наредба со која се насочуваат Федералните агенции да ги спречат социјалните мрежи да се занимаваат со активности како проверка на политички изјави. Оваа недела, кандидатот за претседател на Демократите отпочна петиција со која нé повикува да го направиме токму спротивното. Исто како во случајот со телевизиските мрежи – каде американската влада го забранува одбивањето на рекламни кампањи на политичари – претставниците кои се избрани од народот треба да ги поставуваат правилата, а ние ќе ги следиме. Во ноември ни претстојат избори и ние ќе го заштитуваме политичкиот говор, дури и кога ние силно не се согласуваме со него,“ стои во соопштението на Фејсбук.