Крајот на 2020 се претвори во натпревар помеѓу брендовите кој ќе смисли поиновативен начин да каже дека годината баш и не беше „најфантастична“. Некои смислуваа храна и пијалоци со „одвратниот“ вкус на 2020, други создаваа мјузикли во кои ја „опејуваа“ годината во изминување, а трети само сакаат сé да се заврши побрзо.
Американскиот пивски бренд Coors Light се одлучи за пристап во кој, можеби во постапка која културните антрополози би ја нарекле „симпатетичка магија“, лошите настани од 2020 сака да ги претвори во пламен.
Имено, брендот, со помош на креативната агенција Rethink, создаде потпалувачи наречени „Chill Starters“ (во груб превод „Потпалувачи за смирување/опуштање“), кои 100-процентно се создадени од печатени весници од 2020 година, односно колекција од најлошите вести во годината.
Од брендот се надеваат дека при нивното горење, со цел спремање на скара на пример, луѓето ќе уживаат во Coors Light и новата година ќе ја дочекаат во позитивна атмосфера.