По повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост (3 декември), технолошкиот гигант Apple објави нова реклама насловена “The Lost Voice” („Изгубениот глас“), режирана од страна на познатиот новозеландски режисер Тајка Вајтити.
Во приказната се раскажува за розово магично суштество кое ја изгубило способноста да зборува, а едно младо девојче се обидува да му помогне. Тие бараат под дрво и под камен во волшебната шума, но никако да го најдат загубениот глас.
На крајот од спотот, кога се чини дека потрагата е безуспешна, откриваме дека всушност се работи за приказна чиј наратор е таткото на девојчето, раскажувајќи ѝ ја пред спиење. Притоа, таткото навистина го има загубено својот глас, но приказната ја „чита“ со помош на својот нов глас што го „нашол“ благодарение на технологијата за гласовно генерирање на Apple.
Улогата на таткото во спотот ја толкува Тристан Ингам, новозеландски лекар и застапник за правата и можностите на лицата со попреченост.