Кој е запознаен со американските палачинки како културен феномен, слушнал и за брендот Aunt Jemima. Основан уште во далечната 1889 година, Aunt Jemima е бренд на палачинки и сирупи за палачинки кој стана препознатлив по сликата на стереотипна црнечка домаќинка.
Меѓутоа, по 130 години постоење, во екот на актуелните анти-расистичките протести во САД, матичната компанија Quaker Oats (инаку во сопственост на корпорацијата PepsiCo), донесе одлука за целосно ребрендирање на производите кои досега можеа да се најдат под името на „Тетка Џемима“.
„Препознаваме дека корените на Aunt Jemima се базирани врз расен стереотип. Како што работиме да оствариме напредок во насока на расната еднаквост преку неколку иницијативи, така исто мораме да упатиме еден строг поглед кон нашето портфолио и да се осигураме дека тие ги рефлектираат нашите вредности и ги исполнуваат очекувањата на потрошувачите,“ истакна Кристин Крепфал, потпретседател и генерален маркетинг директор на Quaker за Северна Америка, додавајќи дека компанијата ќе донира најмалку 5 милиони долари во следните пет години за „создавање на значајна, континуирана поддршка и ангажман во црнечката заедница.“
Компанијата во неколку наврати во минатото се обидувала да го „модернизира“ брендот, менувајќи и ажурирајќи го изгледот на персонифицираната Тетка Џенима. Но, на крајот од денот, компанијата одлучи дека тие промени не се доволни, особено после вжештените критики упатени на нејзина сметка во последните неколку години. Се очекува дека новото име и персонификација на брендот ќе бидат познати на есен.
Според Ричи Ричардсон, професор по афро-американска литература на Универзитетот Корнел, името на брендот потекнува од старата лакрдиската песна “Old Aunt Jemima,” за време на чија изведба актери и пејачи од белата раса го обојувале своето лице во црно и се исмевале со припадниците на црната раса. Оригиналната инкарнација на Тетка Џенима била Ненси Грин, црнечка жена кој била родена како робинка.