Порталот Маркетинг мрежа, во соработка со агенцијата Real Grupa RGS и LCF Продукција, го сними првиот долгометражен документарен филм за развојот на адвертајзинг индустријата во Србија, наречен “Креативен ген”. Ова е првиот долгометражен филм за струката направен во Србија. Визуелното решение на филмот го потпишува агенцијата Ovation BBDO.
Филмот го опфаќа периодот од 2008 до 2020 година, односно периодот кога адвертајзинг индустријата во Србија се развиваше најбрзо. Овие 12 години беа обележани со големи промени на сите полиња – од креативност, производство, појава и експанзија на првите социјални мрежи, масовно отворање на нови агенции, до доаѓање на глобални компании на српскиот пазар кои со себе донесоа и нови трендови, па се` до 2020 година, која што беше особено предизвикувачка и своевиден рестарт за рекламната индустрија.
Во филмот зборуваат 15 директори и креативни директори на агенции во Србија, кои преку седум клучни теми, даваат преглед и ретроспектива на развојот на адвертајзингот во Србија.
„Филмот „Креативен ген“ дава уникатен преглед на развојот на индустријата – каде бевме во 2008 година, а каде сме денес, и сето тоа од гледна точка на луѓето кои ја градеа и ја градат таа професија и денес. „Креативен ген“ е сведоштво на едно време, видео што им го оставаме во наследство на идните генерации креативци во Србија“, изјави Ивана Парчетиќ Митиќ, основач на Маркетинг мрежа и творец на филмот и додава:„Овој проект е многу значаен и посебен за професијата. Ова не е филм на Маркетинг мрежа, ова е филм на сите нас, кои секојдневно учествуваме во развојот на пазарот на маркетинг комуникации во Србија. Затоа сакавме првата и ексклузивна проекција на „Креативен ген“ да биде на националниот фестивал КАКТУС во Србија, кој веќе шест години ги поместува границите и активно придонесува за развој на професијата во Србија“.
Премиерата на филмот “Креативен ген” ќе се одржи на третиот ден на фестивалот КАКТУС 2020, осносно на 5 ноември во Синеплекс Ушче Шопинг Центар. По премиерата на филмот, ќе биде организирана промоција на второто издание на публикацијата ADBOOK, како и годишно доделување на стручните награди KAKTUS 2020 и KAKTUS Talents.
Конференцискиот дел на фестивалот КАКТУС 2020, со предавања од најдобрите и најнаградуваните светски креативци и комуникациски експерти, ќе се одржи онлајн, на 3 и 4 ноември на сајтот https://live.kaktus.rs/