Најавата на Фејсбук за воведување на сопствена дигитална валута Libra предизвикува поделеност во самата компанија, одлагајќи го датумот на нејзиното лансирање, но и во пошироката јавност и политичкиот живот на САД
Пред неколку дена, претседателот на САД, Доналд Трамп, преку серија постови на Твитер гласно се изрази дека нема доверба во криптовалутите, „чија вредност е заснована врз празен воздух“, директно осврнувајќи се и на Фејсбуковата Libra.
„Виртуелната валута Libra на Фејсбук ќе има мал углед и веродостојност. Ако Фејсбук и други компании сакаат да станат банки, тогаш мора да побаараат Банкарска повелба и да подлежат на банкарски регулации, исто како и другите Банки,“ истакна Трамп.
Коментарите на претседателот Трамп продолжија во насока дека во САД постои само една вистинска валута – американскиот долар, нарекувајќи го „посилен од било кога“ и „доминантна валута насекаде во светот“.
Еден ден пред Трамп, против плановите на Фејсбук за воведувањето на Libra се огласи и првиот човек на Федералните резерви на САД, Џером Пауел, кој истакна дека „Libra предизвикува многу сериозна загриженост во однос на приватноста, перењето на пари, заштитата на потрошувачите и финансиската стабилност.“
Против Libra се и некои членови на Конгресот, а една група претстаници на Демократската партија побара од Фејсбук да ги запре сите активности поврзани со развојот на валутата сé додека не се испитаат нејзините можни импликации.