Со Facebook Pay, корисниците ќе можат да ги користат повеќето дебитни и кредитни картички, а оваа услуга ќе овозможи испраќање пари на пријателите, плаќање во видео игри, Facebook Marketplace, итн.
Во време кога довербата во Фејсбук е најмала и кога бројни финансиски и технолошки компании го свртија грбот и не го поддржаа нивниот проект за виртуелна валута Либра, компанијата на Закерберг го претстави – Facebook Pay. Се работи за систем на плаќање кој ќе им овозможи на корисниците на Фејсбук да испраќаат пари на пријатели и други луѓе кои ги користат нивните платформи, да можат да купат билети за настани, како и да купуваат во видео игри и на Facebook Marketplace. Исто така, преку Facebook Pay ќе може да донира и собира пари за разни намени.
Facebook Pay ќе ги поддржува повеќето дебитни и кредитни картички и PayPal. Интересно е што PayPal беше една од првите компании што се повлече од Libra Association, непрофитна организација која треба да управува со криптоцентралата Либра.
Новата услуга на Фејсбук ќе биде достапна на сите платформи на компанијата, вклучувајќи ги и Messenger, Instagram и WhatsApp, а ќе започне во САД само со Facebook и Messenger веќе оваа недела. Со текот на времето, ќе се прошири и на Instagram и WhatsApp, платформи кои имаат повеќе од една милијарда корисници, како и на други пазари.
Во презентацијата на Facebook Pay, потпретседателката на одделот за трговија на Фејсбук – Дебора Лиу изјави дека услугата е само дел од постојаните напори на компанијата да обезбеди уште подостапен и побезбеден начин на трговија во рамките на нивните апликации. „Ќе продолжиме да го развиваме Facebook Pay и да најдеме нови начини да ја зголемиме неговата вредност за луѓето кои ги користат нашите апликации“, додаде Лиу.