Пред една година, компанијата за креација на видео игри EA Sports соопшти дека по три децении става крај на своето партнерство со меѓународната фудбалска асоцијација FIFA, од која го позајмуваше името за својата фудбалска видео игра. Сега, компанијата официјално го претстави новото лого и брендирање на претстојната замена “EA Sports FC”.
Разделбата со FIFA настана кога двете страни не можеа да постигнат договор за продолжување на договорот за лиценцирање, па така EA Sports веќе не може да го користи името на FIFA и досегашните брендинг елементи поврзани со играта. Согласно тоа, компанијата ја претстави ребрендираната видео игра EA Sports FC која доаѓа со сосема нов дизајн.
Според Uncommon, дизајнерската куќа која работела на ребрендирањето, дизајнот на новиот бренд бил инспириран од прекрасната игра и доминантната употреба на триаголници во пошироката фудбалска култура. Имено, тристраната форма често се споменува во различни аспекти на фудбалот – од техники на додавање и генерална формациска поставеност, до стратегија при изведување на слбодни удари и многу повеќе.
Истовремено, новиот триаголен дизајн се осврнува и на дигиталното наследство на видео игрите, алудирајќи на триаголните полигони кои го „сочинуваат секој пиксел“ од повеќето видео игри, на првите 8-битни верзии на видео игри, но и на симболот кој го означува селектираниот играч при виртуелните фудбалски натпревари.
Новиот амблем, кој е поставен во триаголен систем на решетка, ја одразува важноста на формата со три верзии на логото – вклучувајќи го примарниот мотив, префиксот на производот со две букви, како и ознаката за автентичност. Анимираната верзија на логото потоа била изработена од креативното студио BUCK, засновајќи се на брзата динамика и интензивна енергија карактеристични за играта.
Во играта ќе се применуваат два нови фонтови, исто така инспирирани од фудбалската игра, а именувани според легендарниот фудбалер Јохан Кројф од Холандија, односно легендарната фудбалерка Марта од Бразил. Фонтовите се така изработени за да можат да се приспособуваат кон различните видови на писма кои што се употребуваат ширум светот – од латиница, до арапското писмо.
Визуелниот идентитет на EA Sports FC главно ќе се заснова на монохроматска палета со употреба на нијанси на црна и бела боја, со спорадични акценти во разни нијанси на зелената боја.
Детален преглед на новиот дизајн на видео играта EA Sports FC е достапен на следниот линк.