Технолошкиот гигант Microsoft ја лансираше својата нова празнична кампања насловена “Make your holiday a masterpiece” („Претворете го вашиот празник во ремек дело“), со која демонстрира како вештачката интелигенција може да ги „оживее“ т.е. илустрира различните празнични традиции низ светот.
Централниот спот на кампањата прикажува млада жена во улога на улична уметница која наместо платно со себе носи компјутер. Случајни минувачи од различно етничко потекло ѝ приоѓаат и почнуваат да ѝ раскажуваат за нивните разни локални и семејни празнични традиции. Врз основа на раскажаните анегдоти, младата жена ја користи вештачката интелигенција за да создаде уникатни визуелни дела кои ја доловуваат шареноликата суштина на празничните традиции ширум светот.
Според брендот, вистинската моќ на технологијата лежи во нејзината способност да ги подобри и издигне човечките приказни. „Оваа година сакаме да ги прославиме уникатните празнични традиции што луѓето ги доживуваат ширум светот. Со магијата на вештачката интелигенција и Microsoft Designer, секој може да биде уметник и да ги оживее своите спомени, создавајќи прекрасни ремек-дела за споделување“ – објаснува Кетлин Хол, генерална бренд директорка на Microsoft.
Кампањата е создадена во соработка со креативната агенција McCann New York, а централниот видеоспот е режиран од страна на Андре Љутица.