Во насока на промоција на своите безжични слушалки AirPods Pro и особено нивната функција за блокирање на надворешната бучава, технолошкиот гигант Apple ја лансираше својата нова реклама “Jump” („Скокај“), со која ги охрабрува луѓето да го претворат светот во големо игралиште.
Спотот прикажува човек кој ги става слушалките на уши и тргнува да се движи низ градот во кој живее. Притоа, заедно со музиката, сé почнува да се претвора во игра на скокање јажиња т.е. препреки. Во еден надреален манир, луѓето со кои се среќава ги земаат различните издолжени предмети и форми од околината и ги претвораат во јажиња кои нашиот главен јунак ги скока низ своето патување.
Идејата е дека опциите на слушалките AirPods за блокирање на надворешната бучава и за прилагодување кон ушите на слушачот, со цел нивно покомфортно носење и користење, им овозможува на корисниците да ги надминат сите препреки за музичко уживање во текот на својот активен ден.
Рекламата е пропратена со песната “Fallin Apart“, изведена од страна на Young Franco, Pell и Denzel Curry.