Во најновото продолжение од веќе три-години старата бренд-платформа “Rebuild the World”, данскиот производител на играчки Lego Group ја раскажува приказната за еден витез кој се мачи да помине една широка река.
После неколку неуспешни обиди и накиснување во реката, неговите пријатели од најразлични сфери на животот конечно успеваат со здружени сили да изградат мост за витезот да може конечно да ја помине реката и да дојде до својот осамен пријател – една мечка. Всушност, гледаме дека целата приказна претставува идеализирана верзија на играта на неколку деца со LEGO коцки.
Идејата е да се покаже дека децата се мајстори кога е во прашање креативното решавање на проблеми, исто така илустрирајќи дека кога се здружени, луѓето заедно можат да ги надминат и најголемите предизвици.
Рекламата ќе биде емитувана на телевизија, преку дигитални канали и на out-of-home локации во 20 држави низ светот.
Реализацијата е на специјализираната креативна агенција The Lego Agency и продукциската куќа Stink Paris.