Ова е прва сојузна држава во Америка во која е донесен закон, со чија примена властите сакаат да ги намалат предрасудите врз основа на родовата припадност.
Калифорнија е првата сојузна држава во САД која бара од големите продавници да изложуваат играчки и производи за нега на деца на родово неутрален начин.
Новиот закон, потпишан од гувернерот на Калифорнија во саботата, нема да забрани постоење на одделни делови за девојчиња и момчиња во продавниците.
Меѓутоа, големите малопродажни синџири ќе мораат да воведат посебен дел кој ќе биде родово неутрален. Тие мора да содржат „разумна понуда“ на играчки и производи за нега на деца, без разлика дали овие производи се наменети за едниот или другиот пол.
Кога првпат ќе го прекршат ова правило, компаниите ќе бидат казнети со 250 долари, додека секое следно прекршување ќе ги чини 500 долари.
Локалните пратеници во Калифорнија го усвоија законот минатиот месец и тој ќе стапи на сила во 2024 година. Тој се однесува на малопродажните синџири кои имаат 500 или повеќе вработени во Калифорнија.
Законот нема да важи за детската облека, но ќе се однесува на играчки или какви било други „производи за нега на деца“ кои им помагаат на децата да заспијат, при исхрана или раст на заби.
Овие промени ќе им помогнат на потрошувачите да ги воочат „неоправданите разлики кај сличните производи“, но и во борбата против родовата дискриминација во производите наменети за деца, се вели во текстот на законот.
„Одвојувањето на играчките според социјалниот модел на прифатливо и неприфатливо за одреден пол е спротивно на модерното размислување“, вели Еван Лев, пратеник од Демократската партија и еден од авторите на законот. Ваквата категоризација „доведе до зголемување на бројот на научни, технолошки, инженерски и математички играчки“ во одделите за момчиња, додека оние од полиците наменети за девојчиња симболизираат „воспитување деца, мода и живот на домаќинка“, додава тој.
Сојузот на потрошувачи во Калифорнија, кој се обидува да ги заштити нивните права, го поддржа законот, како и многу други организации.
Одвојувањето на производите на оние за момчиња и девојчиња „исто така помага да се маскира несреќниот факт дека производите за жени честопати се поскапи од оние за мажите“, се вели во соопштението на организацијата за весникот Сакраменто Би.
Некои ланци на супермаркети и претходно преземаа чекори против предрасудите. Така, во 2015 година, компанијата Таргет објави дека ќе престане да користи табли и знаци во продавниците.
Сепак, сличните закони кои бараат неутралност во рекламниот простор не поминаа добро на гласањето во Калифорнија. Оние што се спротивставија на законот, рекоа дека тој ја нарушува слободата на говорот и способноста на компаниите да се прилагодат на слободниот пазар.
извор: BBC