Трите прворангирани тимови на натпреварувањето MarTech Challenge ги презентираа своите решенија пред жирито и публиката на петтиот национален фестивал за интегрирани комуникации во Србија -KAKTUS 2019, во рамките на Денот на иновациите во Мадленијанум, а за најдобар млад стартап во областа на маркетингот е прогласен тимот Emitto.
Победничкиот тим освои награден пат за една од најатрактивните конференции за маркетинг технологии MarTech Conference во Калифорнија и менторска програма од страна на DIRECT MEDIA United Solutions, а беше избран со гласовите од жирито и публиката.
„Стартап екосистемот во Србија постојано се развива, а напредокот се остварува, како во инвестициите што доаѓаат во стартапите од овие простори, така и во јакнењето на соработката меѓу традиционалниот корпоративен сектор и стартапите. Се надевам дека со оваа иницијатива успеавме да направиме уште еден чекор напред кон подинамична соработка помеѓу стартапите и агенциите. Верувам дека на победникот и финалистите на ова натпреварување многу ќе им значи соработката со нас за понатамошно развивање на нивните решенија, како и самата промоција на нивната работа“, изјави Јован Стојановиќ, директор на DIRECT MEDIA United Solutions и претседател на жирито.
Победникот на натпреварувањето, организирано од DIRECT MEDIA United Solutions, ја претстави платформата Emitto, која им овозможува на брендовите и на интернет порталите да комуницираат директно со публиката преку канали за размена на пораки, како што се Facebook Messenger, Viber, WhatsApp, итн.
„Учеството во MarTech Challenge беше одличен начин за да потврдиме дека сме на вистинскиот пат и дека проблемот со ефикасната дистрибуција на онлајн содржините е реален. Ова беше можност да ја запознаеме пошироката маркетинг заедница со Emitto, а директниот контакт со претставниците на DIRECT MEDIA United Solutions ни помага подобро да ги разбереме реалните проблеми и потребите на пазарот. Многу сме среќни што нашиот стартап Emitto.io и покрај силната конкуренција, е прогласен за најдобар млад стартап во областа на маркетингот“, изјави Никола Цветковиќ, основач и извршен директор на стартапот Emitto.
За победникот на натпреварувањето одлучуваше жири комисија составена од: Јован Стојановиќ, извршен директор на DIRECT MEDIA United Solutions, Дејан Рандиќ, основач на ICT HUB и генерален директор DNA Communications, Зоја Кукиќ, програмски директор на Startup Ecosystem Digital Serbia Initiative, Марко Мудриниќ, ко-основач и директор на Нетократија и Ивана Парчетик Митиќ, основач и извршен директор на Маркетинг мрежа.
MarTech Challenge е регионално натпреварување отворено за сите технолошки стартапи основани во последните две години, а кои се занимаваат со примена на нови технологии во маркетинг и комуникациите во областите како што се огласување, податоци, вештачка интелигенција, машинско учење, медиуми, социјални мрежи, итн. На натпреварувањетро можеа да се пријават и тимови кои сеуште не основале стартапи, а имаат или развиваат идеи или решанија во областа на маркетингот.
Проектот MarTech Challenge е лансиран од страна на DIRECT MEDIA United Solutions со цел поврзување на маркетинг индустријата и иновативните претприемачи и зајакнување на стартап сцената во регионот, а заедно со партнерите ICT HUB, Натокрација и Маркетинг мрежа.