Денес во Кинотека на Македонија беа прогласени победниците на овогодинешниот 13-ти по ред награден конкурс „Trash for Art 2024“, во организација на Пакомак.
Со цел да се мотивираат граѓаните да делуваат креативно и да создаваат уметнички дела од отпад, но и да се подигне јавната свест за паметно управување, селектирање и рециклирање на отпадот, Пакомак во соработка со Нула Отпад и Прилепска Пиварница го организираа и спроведоа овој уникатен и многу значаен конкурс.
Конкурсот беше наменет за возрасни и деца кои се натпреваруваа во три категории: градинки, основни училишта и поединци и други институции (средни училишта, факултети, невладини организации и други).
Добитници Trash for Art 2024 година:
Категорија – Градинки:
1 место: ЈОУД Детска градинка „Детска радост“ – Скопје
2 место: ЈОУД Детска градинка „Кочо Рацин“
3 место: ЈОУД Детска градинка „Бамби” – Чашка
Категорија – Основни училишта:
1 место: Татијана Јакимовска
2 место: ООУ „Гоце Делчев“ – Виница
3 место: ОУ „Никола Петров – Русински“ – Берово
Категорија – Поединци и останати институции:
1 место: СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп
2 место: Слободан Петровски
3 место: Цветан Караѓорѓиев
Специјална награда од Прилепска Пиварница: Верица Салтирова Левечарова
Специјална награда од Нула Отпад: ООУ „Братство Единство“ – Охрид
„Воодушевени сме од пристигнатите дела, како од бројноста така и од креативниот потенцијал кој го покажаа нашите сограѓани. И овој пат докажавме дека отпадот може да биде корисен, не само преку овој конкурс, туку и воопшто со сите наши активности. Креативноста не познава граници, но она што ни е особено драго е дека сè повеќе допираме до младите генерации а со тоа и придонесуваме за нивна едукација за паметно управување со отпадот“ – изјавија организаторите од Пакомак .
На конкурсот пристигнаа голем број различни уметнички дела, па така можат да се видат многу животни, дрвја и цвеќиња, роботи, куќи и објекти, како и многу други креации изработени од отпад. Сите заинтересирани делата ќе можат да ги погледнат во просториите на Кинотеката до петок, 1 март. Наградените дела ќе бидат објавени на веб-страницата на Пакомак и истите ќе останат во сопственост на компанијата.
Дополнително, се известуваат сите кои доставиле свои дела на конкурсот, освен наградените, дека истите можат да ги подигнат и да ги зачуваат во своја сопственост, најдоцна до 1 март 2024 година, 16 часот. Останатите неподигнати дела потоа ќе бидат рециклирани.