На францускиот Азурен брег во градот Кан, синоќа беа доделени првите награди на 70. издание на најголемиот меѓународен фестивал на креативноста Cannes Lions. На наградната церемонија беа прогласени победниците во категориите Pharma, Health & Wellness, Outdoor, Print & Publishing и Radio & Audio Lions, како и наградата Grand Prix for Good на Lions Health и United Nations Foundation.
Оваа година, учесниците од Ерменија и Нигерија испишаа историја со тоа што беа првите што освоија „лав“ за својата земја – бронзени „лавови“ во категориите Radio & Audio и Health & Wellness, соодветно.
За време на наградната церемонија, извршениот директор на LIONS, Сајмон Кук, истакна: „Ние сме воодушевени да им оддадеме почит на нашите први добитници на „лавови“ кои ги подигнуваат креативните стандарди на глобалната сцена. Им благодариме на сите наши исклучителни жирирачи кои го дадоа своето време, посветеност и експертиза за да го дефинираат креативниот репер за 70-то издание на фестивалот.“
Во категоријата Outdoor Lions, што ја слави креативноста на отворен простор, се пријавиле вкупно 1938 креативни проекти, а на церемонијата беа доделни 59 награди: 9 златни, 19 сребрени и 30 бронзени. Главната Grand Prix награда му припадна на кампањата „A British Original“ од агенцијата Uncommon Creative Studio од Лондон за клиентот British Airways. Делото ги истражува мноштвото причини поради кои луѓето патуваат одговарајќи на прашањето „Која е целта на вашата посета?“ Со духовити одговори на 500 печатени, дигитални и надворешни реклами, кампањата беше реализирана во импресивен размер.
За категоријата Print & Publishing Lions се пријавиле вкупно 814 кампањи, од кои 26 освоија награди: 4 златни, 7 сребрени и 14 бронзени лавови, а Grand Prix наградата му припадна на „Newspapers Inside The Newspaper Edition“ на агенцијата Impact BBDO од Дубаи за весникот AnNahar. Кампањата ја адресира слободата на говорот во Либан и кризата што ја зафати издавачката индустрија, користејќи го дневното издание на весникот за да ги оживее публикациите што беа затворени поради политички неуспех и притисок.
Вкупни 715 кампањи биле пријавени за категоријата Radio & Audio Lions, додека пак 22 од нив освоија награди: 3 златни, 7 сребрени и 11 бронзени лавови. Главната нарада беше доделена на кампањата „Phone It In“ на Colenso BBDO од Окленд за телекомуникациската компанија Skinny од Нов Зеланд.
Во категоријата Health & Wellness Lions, што ја слави креативноста во сферата на личната благосостојба, се пријавиле вкупно 1297 кампањи, а 37 од нив освоија лавови: 6 златни, 13 сребрени и 17 бронзени. Grand Prix наградата му припадна на „The Last Performance“ од новозеландската агенција Special од Окленд, за клиентот Partners Life.
За наградите во категоријата Pharma Lions се пријавиле вкупно 354 кампањи, а дома со награди ќе се вратат 13 од нив, и тоа со: 2 златни, 4 сребрени и 6 бронзени лавови. Жирито ја додели главната Grand Prix награда на кампањата „Scrolling Therapy“ за клиентот Eurofarma од агенциите Dentsu Creative Buenos Aires, Dentsu Creative New York и Dentsu Creative Chicago.
Специјалната награда “Grand Prix for Good” на Lions Health и United Nations Foundation беше доделена на кампањата “Working with Cancer” за клиентот Memorial Sloan Kettering Cancer Center (MSK), од агенциите La Foundation Publicis Chicago, Publicis Conseil Paris, Le Truc New York, Digitas New York, Saatchi & Saatchi Health New York и Publicis Groupe UK London.
На синоќешната церемонија беа прогласени и најдобрите агенциски мрежи во сферата на здравството и здравствената заштита, и тоа:
1. FCB Health
2. Klick Health
3. PUBLICIS
Како најдобри поединечни агенции во истиот сектор, беа прогласени:
1. AREA 23, дел од IPG Health Network, од Њујорк, САД
2. KLICK HEALTH од Торонто, Канада
3. 21GRAMS, дел од Real Chemistry, од Њујорк, САД
Освојувачите на награди во другите категории ќе бидат прогласувани на церемониите што ќе се одржуваат секоја фестивалска ноќ, до 23 јуни 2023 година. Дополнителни информации за фестивалот Cannes Lions може да се најдат на canneslions.com.