Институтот за демократија „Социетас Цивилис“- Скопје (ИДСЦС) денеска го одржа настанот “Прогресот на Северна Македонија во Берлинскиот Процес и Планот за раст“ на кој беа презентирани клучните наоди од извештаи и препораки на граѓански организации со фокус на Берлинскиот процес и Реформската агенда.
Настанот беше отворен од претседателот на Институт за демократија Марко Трошановски по кое следеше обраќање со видео порака од амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер.
Трошановски даде осврт на досегашната работа на Институтот во рамки на Берлинскиот процес, потенцирајќи ја важноста од вклучувањето на парламентите во овој процес. Тој истакна дека со Планот за раст, оваа работа продолжува со уште поголемо значење за напредокот на државата и регионот.
Амбасадорката Дрекслер истакна дека Берлинскиот процес веќе десет години претставува значаен механизам за регионална соработка, а неговата важност дополнително се зголемува со активното вклучување на парламентите во процесот.
Ана Софеска помлада истражувачка од Институт за демократија го презентираше мониторинг извештајот на Акциските планови за Заедничкиот регионален пазар и Зелена агенда во рамки на Берлинскиот процес. Во извештајот беше направена и споредба со приоритетите и активностите предвидени во Реформската агенда. Извештајот е достапен тука.
Миша Поповиќ, раководител на Центарот за добро управување при Инситут за демократија даде осврт на реформите и мерките од Реформската агенда во областа на јавната администрација, управувањето со јавни финансии и владеењето на правото.
Калина Дуковска, помлада истражувачка од Институт за европска политика даде осврт на на активностите на нивната организација, вклучително и воспоставувањето на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда, платформа за дијалог меѓу институциите, граѓанскиот сектор, академијата и бизнис-заедницата за следење на спроведувањето на Реформската агенда.
Осврт кон презентациите дадоа Бојан Стојаноски, Претседател на Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика Јасмина Петковска, Венко Филипче, Претседател на Национален Совет за Евроинтеграции и Јасмина Петковска, член на регионалната работна група за Зелена агенда за Западен Балкан при Советот за регионална соработка.
Стојаноски го поздрави формирањето на Меѓупартиската парламентарна група за следење на имплементацијата на обврските од Берлинскиот процес и Реформската агенда, нагласувајќи дека ова претставува важен чекор кон обезбедување поефикасен парламентарен надзор и поддршка на клучните реформски процеси. Филипче потенцираше дека Националниот совет за евроинтеграции има клучна улога во процесот на интеграција и дека е неопходно граѓанските организации активно да бидат вклучени во неговата работа. Петковска го истакна значењето на спроведувањето на акцискиот план за Зелената агенда, особено во делот на процесот на декарбонизација, при што ја нагласи подготвеноста на Министерството за животна средина и просторно планирање активно да го поддржи и води овој процес.
Настанот е дел од проектот „Парламентарна дипломатија: регионална соработка преку зајакнат парламентарен дијалог“ кој има за цел преку промоцијата на парламентарната дипломатија и искористување на механизмите за надзор од страна на парламентите на Западен Балкан, да ги промовира законите и придобивките од Берлински процес.
Проектот е имплементиран од шест партнерски организации во земјите од Западен Балкан. Носител-организацијата на проектот е Институтот за демократија (ИДСЦС) од Скопје. Останатите партнери се Институт Алтернатива од Црна Гора, Институтот за политички науки од Албанија, Центарот за истражување, транспарентност и одговорност (ЦРТА) од Србија, Демократски институт – Косово и Мрежата на прогресивни иницијативи од Босна и Херцеговина. Проектот е поддржан од Германското министерство за надворешни работи.