Во Македонија, вчеравечер, се промовираше Европскиот Ромски институт за уметност и култура (ЕРИАК), транснационална институција на најголемото малцинство во Европа, која ќе се залага за поблиска соработка меѓу Ромските и не-Ромските чинители во уметноста и на културната сцена во Македонија.
На вчерашното промовирање во Музејот на македонската борба, насловено како „Лекција Шутка“, ЕРИАК ги охрабри институциите и носителите на одлуки да ја обноват својата посветеност кон признавање на ромското културно наследство.
„Нема социјална инклузија без културна инклузија, иако ромските дискурси остануваат фокусирани на домувањето, здравството, образованието и вработувањето, каде што Ромите, сé уште, се ставени во рамката дека станува збор за ромски прашања или ромски проблеми“, рече директорката на ЕРИАК за Европа, Тимеа Јунгхаус на вчерашното претставување на овој институт.
Според неа, Македонија е прогресивна држава која ја сфаќа важноста на културата, затоа што е меѓу државите кои имала културна компонента во Ромската декада 2005-2015 година и Ромската стратегија 2014-2020 година. Таа објасни дека треба мнозинските институции да обезбедат натпреварувачка инфраструктура за продукција и соодветна презентација на Ромите.
Во своето обраќање, Катрин Фрухинсфелд, раководител на одделот за култура и образование при Германска амбасада во Скопје, повика и Ромите да придонесат кон подобрување на благосостојбата во Македонија.
„Меѓународната заедница честопати се обидува да открие што може да се направи за поддршка на Ромската заедница во Македонија. Но, би сакала ова прашање да го поставам обратно: како ромската заедница, со своето искуство и способности во културниот живот, но не само таму, може да придонесе кон благосостојбата во Македонија? Сигурна сум дека има многу важни вредности. Како и да е, ромската заедница, но и сите други етнички заедници во земјава, треба да ги откријат овие можности и да бидат отворени едни за други“, потенцираше Фрихинсфелд.
Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш е горд што општината Шуто Оризари претставува лулка на ромската култура. „Горд сум што нашата опшина е лулка на ромската култура, синтеза на нашето богатство кое го пренесуваме низ светот, но сепак ја задржуваме нашата автентичност. Како општина, секогаш ги поддржуваме уметноста и културата, посветуваме достојно време и ресурси за поддршка на „Театар Рома“, ќе го возобновиме најголемиот амбасадор на ромската култура Пралипе и имам жеоба да го видам изграден културниот центар во Шуто Оризари. Силно се залагам за реализација на оваа идеја која ќе го обедини културниот потенцијал на Ромите“, рече Дудуш.
Промовирањето на ЕРИАК во Македонија беше одбележано со изведба на Македонската и Ромската химна од страна на оперскиот пејач Ернес Ибраимовски, дискусија на тема „Предизвиците и иднината на ромската уметност и култура во Македонија“, со организирање уметничка изложба на Дурмиш Ќазим, музичка изведба од музичкиот автор на етничка музика и асистент на оркестарот „Танец”, Бајса Арифовска и театарска претстава „Roma Refreshment”, фокусирана на геноцидот на Ромите во Втората Светска Војна од страна на “Театар Рома”.
ЕРИАК е основан со заедничка иницијатива на Советот на Европа, Фондацијата Отворено Општество и Алијансата за европски Роми. Институт ЕРИАК е лансиран пред една година во Берлин, Германија како прва европска институција на најголемото малцинство во Европа. Исто така, иницијативите за вмрежување на културни институции на Европскиот Ромски институт за уметност и култура (ЕРИАК) се поддржани од германското Министерство за надворешни работи.
Повеќе информации за ЕРИАК: www.eriac.org