Платформата за истражувачко нoвинарство и анализи-ПИНА во соработка со Фондацијата „Фридрих Еберт“-Скопје ќе го организира првото издание на Истражувачки филмски фестивал (ИФФС), што ќе се одржи од 3 до 5 ноември во кино „Култура“, Скопје
Ова ќе биде прв таков фестивал во регионот, а тридневната фестивалска програма вклучува прикажување документарни филмови, работилници, дискусии и дебати со гости од Македонија, регионот и од светот.
Отворањето на првото фестивалско издание, како што стои во соопштението, е посветено на укажувачите, храбрите поединци кои обелоденуваат информации во име на општото добро. По прикажувањето на филмот „Да се биде укажувач“ (Being a Whistleblower) на францускиот новинар и режисер Беноа Бринже, публиката ќе има можност да ја проследи дискусијата на тема „Укажувачи: „тајни“ играчи кои може да ја променат историјата“. Дебатата посветена на таканаречените „свиркачи“, ќе ја води македонската новинарка Сашка Цветковска, а во неа, преку Скајп ќе учествува и Бети Медсгер, легендарната американска новинарка која во 1971 година објавувајќи ги анонимно доставените документи земени од канцеларија на ФБИ, застана на страната на укажувачите и предизвика промена на законите и моќта што разузнавачките служби дотогаш ја имале врз народот.
За промените до кои може да доведат укажувачите и храброста потребна за тој чин, на дебатата ќе зборува и Ѓорѓи Лазаревски, поранешниот началник од УБК, кој ги обелодени таканаречените „бомби“ со што директно влијаеше на промените кои потоа настапија во нашата земја.
На истата дебата ќе говорат и Алесија Черантола и Беноа Бринже, истражувачки новинари кои беа дел од тимот репортери што работеше на истражувачката сторија „Панамските документи“, која ја освои Пулицерова награда.
Меѓу другите содржини на фестивалот за прв пат ќе има и гостин од Велес, Антонио – 19-годишен тинејџер, кој работел во индустријата за лажни вести, сега јавно ќе говори за тоа на дебатата посветена на лажните вести.
Преку фестивалските дебати и работилници од низа различни аспекти учесниците ќе ги разгледаат предизвиците и проблемите врзани со новинарската работа денес. Британецот Крег Шо ќе зборува за значењето на фриленс истражувачкото новинарство, Дарио Јуричан и Саша Папарела ќе откријат како преку crowdfunding се финансира истражувачки филм, Роб Монтгомери ќе одржи работилница за нискобуџетни документарци снимени со мобилен телефон, Италијанката Барбара Скјавули ќе ја сподели својата приказна како долгогодишна фриленс воена репортерка, а група новинари од Македонија, Албанија, Србија, Косово, Хрватска и Словенија ќе дискутираат за предизвиците со кои се соочуваат истражувачките новинари од регионов.
Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА е новоформирана организација од млади новинари, ентузијасти и професионалци која се залага за промоција и зајакнување на истражувачкото новинарство и професионалноста во медиумската средина во Македонија. Освен тоа, ПИНА се залага и за подобрување и унапредување на состојбата на жените новинарки во медиумите.