М365: Како ја оценувате 2018 за вашата ПР агенција? Што е она по што ќе ја паметите најмногу?
2018 година беше плодна година за работа, исполнета со многу предизвици кои бараа мудрост и знаење.
Можеме дефинитивно да ја оцениме како успешна, а најмногу ќе ја паметиме по тоа што со солиден број на клиенти го прославивме својот прв роденден откако ја отворивме нашата канцеларија во Скопје, како уште едно чедо на Represent Communications од Белград.
М365: Како гледате на симбиозата помеѓу ПР професионалците и новинарите во Македонија?
ПР професионалците и новинарите би требало да бидат две различни, но комплементарни професии. Да се надополнуваат во смисла на тоа дека едни без други тешко би функционирале. Кај нас сеуште постои доза на компетитивност, нешто кое ретко сум го разбирала зошто е така. Новинарството е сосема различна професија од ПР-от, исто како што ПР-от не треба да се смета за продолжена рака на новинарството. Понекогаш имам чувство дека ги мешаме брзините.
М365: Што е она што најмногу Ви пречи како пракса на медиумите во Македонија?
Ми пречи униформираноста и спорото прифаќање на новитетите и трендовите. Сепак ме радува што за конкретен нов начин на презентирање на содржините на повеќе платформи, наидовме на интерес кај некои медиуми и верувам дека од нив ќе почне трансформацијата на медиумскиот простор во Македоноја. Во моментов работиме на презентирање на успешните приказни од светот и адаптација за нашиот пазар бидејќи имаме една навистина напредна визија за тоа како во догледно време ќе се реосмисли перцепцијата и критериумот на публиката и она што денес е борба за клик и импресија, во блиска иднина ќе биде поинаку дефинирано. Предизвикот е голем и јас сум убедена дека со многу работа и труд, ќе постигнеме успех.
М365: Која е Вашата желба за 2019 година за комуникациската индустрија во Македонија ?
Желбата на повеќето професионалци од комуникациската индустрија е веројатно стремежот за лојална конкуренција која има да понуди знаење и професионализам, наспроти импровизација и пропаганда.